18 години од 9/11: Шест лекции што не смееме да ги заборавиме

Терористичкиот напад им донесе неколку лекции не само на САД, туку и на целиот свет. Еве шест лекции што не смееме да ги заборавиме.

Денес се одбележуваат 18 години од терористичките напади на 11 септември во Америка. Сликата на два патнички авиони што удираат во кулите близначки на Светскиот трговски центар е трајно врежана на јавната меморија. Сепак, ова не беше првпат Светскиот трговски центар да биде нападнат од терористи.

Во 1993 година, бомбаш-самоубиец удри со камион во Светскиот трговски центар во Њујорк, но не ги урна кулите. Тогаш загинаа шест лица.

Во 2001 година, Светскиот трговски центар, исто така, не беше единствената цел што ја погодија терористите - 19 од нив ѝ припаѓаа на Ал каеда. Четири патнички авиони полетаа од различни аеродроми во САД со три однапред одредени цели. Два авиони ги погодија зградите во Њујорк.

Третиот го погоди Пентагон, седиштето на Министерството за одбрана на САД, и ѝ нанесе мала штета на зградата. Четвртиот имаше поголема цел - Капитол Хил, седиштето на американската влада во Вашингтон.

Патниците на летот на „Јунајтед ерлајнс“ покажаа извонредно чувство на храброст и подготвеност да ги жртвуваат своите животи за да ги заштитат САД. Тие им возвратија на терористите и го спречија нивниот обид да го однесат авионот во Вашингтон. Тој се урна на отворено поле во соседна Пенсилванија.

Од тој еден единствен ден, 9 септември 2001 година, теророт се чини дека стана господар на светот. Паника имаше во секоја земја. Ова беше првпат САД да бидат нападнати од надворешна сила уште од 1941 година, кога Јапонија го нападна Перл Харбор на Хаваите, и прв на американско копно по Револуционерната војна од 18 век.

Терористичкиот напад им донесе неколку лекции не само на САД, туку и на целиот свет.

 

Ниту една земја не е неранлива

Смелоста и прецизното планирање на Ал каеда ја открија ранливоста на безбедносните власти во секоја земја во светот. Ниту една земја не може да се смета за неранлива.

Долго време, терористичките напади во Индија од групите со седиште во Пакистан беа третирани од меѓународната заедница како локализирана афера што произлегува од долгогодишниот анимозитет меѓу Индија и Пакистан и религиозната нетрпеливост во двете земји.

Нападите од 9/11 го уништија тој мит. За прв пат, светот ја научи лекцијата дека тероризмот е политика на некои држави и групи што се стремат да стекнат политичка сила со поттикнување религиозен фундаментализам.

 

Одржувањето на редот е клучно

Одржувањето на редот е клучно за да се спречи какво било кривично дело, вклучувајќи тероризам. Одржувањето на редот, патем, не го вршат само полициските сили, туку сите безбедносни агенции. Неколку дена по нападите на 11 септември се појавија видеа на кои беа прикажани киднаперите на авионот што се урна во Пентагон, снимени на вашингтонскиот аеродром „Далис“.

На видеото се гледа како обезбедувачот врши рутински преглед на киднаперите, од кои двајца биле на списокот за борба против тероризам, а едно лице немало фотографска легитимација. Сепак, сите добиле дозвола да се качат во авионот. Ова се случи во САД, за кои беше познато дека ги претресуваат дури и моќниците од другите земји.

Доколку полициското работење се извршело ефикасно, планот ќе бил откриен или барем една цел ќе можела да се спаси и терористите ќе биле фатени живи. Шефот на Џаиш е-Мохамед, Масуд Азар, кого сега ООН го означија како терорист, беше уапсен во Кашмир во 1994 година благодарение на наједноставно одржување на редот.

 

Разузнавачките информации не треба да се игнорираат

Најмоќните земји или оние што сакаат да бидат моќни се фалат со своето масовно собирање разузнавачки информации. Централната разузнавачка агенција на САД е најмоќната и најумешна од сите нив. ЦИА имаше уловено одредени информации за „непосреден“ терористички напад на американско тло.

Извештаите посочуваат дека ЦИА го испратила својот извештај до Кондолиза Рајс, тогашен советник за национална безбедност на американскиот претседател Џорџ Буш, наводно неколку месеци пред да се случат нападите на 9/11. Информациите за ЦИА биле конкретно за тоа дека Ал каеда планира „повеќекратни“ и „спектакуларни“ напади во САД во непосредна иднина.

Слични предупредувања стигнале до Џорџбушовата Бела куќа, но државните агенции главно ги игнорирале, сметајќи ги за „вообичаени извештаи“ од оперативецот од терен, без „информации за кои е потребна акција“. Ова се покажа многу фатално. Научената лекција беше дека разузнавачките информации за терористички заговори не може да се сфатат лесно, без оглед на бројот на извештаите што ги испраќаат оперативците од терен.

 

Тероризмот ги следи парите

Во секој можен случај на терористички напад се вклучени пари. Во нападите од 9/11, парите течеле низ меѓународните агенции, но властите ги игнорирале.

Истрагата за нападите од 9/11 откри дека на терористите што ги киднапирале авионите им биле испраќани пари од странство. Киднаперите, пак, во четири наврати испратиле пари во Обединетите Арапски Емирати само три дена пред да го шокираат светот.

Сите четири исплати биле извршени преку „Вестерн унион“, но ниту компанијата ниту безбедносните агенции не ги забележале трансакциите, кои по природа биле сомнителни во контекст на разузнавачките информации.

Агенциите станаа повнимателни, а законите за перење пари во повеќето земји се заострени. Сепак, некои оази за перење пари се во функција и може да бидат совршена подлога за идните терористички планови. Секоја земја што ќе ја заборави оваа лекција од нападите од 9/11 го прави тоа на сопствен ризик.

 

Политичката нестабилност раѓа терор

Политичката нестабилност или заткулисните борби може да бидат плодна почва за тероризам. Ова е маскирана, но многу важна лекција од терористичките напади од 9/11. Таа дејствува во два правци - политичка нестабилност во изворната земја (на пример, Пакистан, Авганистан) и во целната земја (на пр. САД, Индија).

САД имаа невообичаена политичка нестабилност во месеците и годините пред нападите на 9/11. Тогаш американскиот претседател Бил Клинтон го преживеа импичментот откако Претставничкиот дом гласаше за почнување на постапката. Предлогот падна во Сенатот.

Ова следуваше по случајот за сексуално вознемирување против Бил Клинтон од поранешна државна службеничка на Арканзас, Пола Џонс. Овој случај разоткри уште еден огромен скандал во врска со Бил Клинтон и стажантката во Белата куќа Моника Левински.

Таква политичка пресметка во САД не беше видена со децении. Кога се случија претседателските избори во 2000 година, таа остана нерешена 41 ден. САД преживуваа политичка недоверба. Десет месеци подоцна, координацијата во владината машинерија пропадна и терористите успеаја да убијат 2.977 луѓе во еден напад.

 

Борбата против теророт не е завршена

Тоа дека борбата против тероризмот е далеку од завршена е лекцијата што ја сфати секоја земја, освен оние што го спонзорираат тероризмот и се дружат со господарите на тероризмот. САД се борат да ја уништат терористичката инфраструктура и групите на Блискиот Исток и во Авганистан.

Индија води сопствена битка против тероризмот поддржан од Пакистан. Според Индексот за глобалниот тероризам, во 2017 година во 77 земји се случиле терористички акти. Овој број е само половина од приказната, бидејќи пред само три години, во 2014, 106 земји беа жртви на тероризам.

Јасно е дека лекцијата од нападите на 9/11 што светот не може да си дозволи да ја заборави е дека националните и светските безбедносни агенции во ниеден момент не можат да го спуштат штитот во својата борба против тероризмот. Овие агенции треба да бидат непробојни секогаш кога на терористите ќе им треба само една дупка за да успеат, и да го убијат човештвото.

 

Извор: Индија тудеј

Деликатна јазична авантура е ако се излезе од основното и утврдено значење на зборовите и се прејде во сферата на жаргонот и колоквијалноста.

повеќе

Плаќањето на вработените на час наместо месечно помага да се зголеми нивната плата со тоа што ќе се вреднува работното време поефикасно.

повеќе