Еурофарм Пелистер се надеваше дека оваа сезона има доволно добар тим за да му биде конкурентен на Вардар, но на првата меѓусебна пресметка во ракометниот плејоф се покажа дека не е така, црвено-црните доминираа и го понижија ривалот.
Вардар поведе со 7-4 во 10. минута, Еурофарм Пелистер се врати на еден негатива, но некаде по 15. минута почна потопот. „Пелистерци“ почнаа многу да грешат во нападот и да овзможуваат лесни контра-напади за Вардар. Тоа беше покана за домаќинот да направи серија од пет невозвратени гола и да поведе со 13-7 во 22. минута. Единствениот фактор, кој спречи оваа серија да трае повеќе и подлабоко се вика Градимир Чаневски, кој имаше седум одбрани во првото полувреме, но уште поважно, голем дел од нив зицери. Постот, кога-тогаш заврши за Еурофарм Пелистер, сепак разликата остана крупна, 17-12 на паузата.
Уште на крајот на првото полувреме Жељко Бабиќ, се обиде да игра без голманот, но во второто целосно се потпре на тактиката „7 на 6“, со цел да ја брка негативата, арно ама наместо успех, техничките грешки на неговите играчи продолжија, празната мрежа многу често беше оставена на цедило, па Вардар постигна неколку такви погодоци, за да поведе со плус девет во 44. минута (28-19), а на точно 10 минути до крајот, да дојде и до двоцифрена разлика 30-20.
Вардар, едноставно, премногу лесно доаѓаше до можност за отворен шут, одбраната беше флексибилна, или 6-0 или со Дибиров како истурен напред во поподвижна зона, па дури и кога се случуваше да прими гол, Вардар казнуваше со брза транзиција. До крајот битолчани дури и можат да бидат среќни, што успеаја да украдат од паднатото внимание на победникот и да намалат на поподнослив пораз..
И Чаневски застана во второто полувреме, па додаде само една интервенција, за вкупно осум, колку што запиша и Борко Ристовски. Стипе Мандалиниќ беше прв стрелец со осум гола, Елмир Граѓан му помогна со седум, додека кај Вардар извонредни беа Анте Гаџа и Кристијан Дисингер со по седум гола.