вторник, 16 април 2024

Ројтерс: Русите реагираа студено на повикот на Макрон за примирје за време на Олимпијадата

Кремљ денеска реагираше студено на повикот на францускиот претседател Емануел Макрон за примирје во меѓународните конфликти за време на Олимпијадата во Париз, велејќи дека Украина може да го искористи тоа како можност за прегрупирање и повторно вооружување, пренесува Ројтерс.

Фото: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

Прекинот на непријателствата по „олимписко примирје“ е долгогодишна традиција, а Макрон во интервјуто во понеделникот рече дека ќе работи да го постигне тоа кога Париз ќе биде домаќин на Летните игри од 26 јули до 11 август.

Запрашан за ова, портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, рече дека и рускиот претседател Владимир Путин и руската војска забележале дека, по правило, режимот во Киев користи такви идеи и иницијативи за да се обиде „да се прегрупира, да се обиде да се вооружи, и слично“.

Тој не наведе ниту еден конкретен пример кога Украина се однесувала така, вели Ројтерс и додава дека војната беснее од 24 февруари 2022 година, кога Путин ја започна, како што ја нарекува, „специјалната воена операција“ во Украина, и дека досега немало прекин на огнот.

Песков не ја отфрли целосно можноста за олимписко примирје, но рече дека сè уште никој не презел никакви официјални чекори во тој поглед.

Линиите на фронтот во Украина не се поместија драматично од крајот на 2022 година, но Русија ја врати иницијативата откако го зазеде градот Авдиивка во февруари.

Во интервју за француските медиуми, Макрон рече дека Франција ќе направи сѐ за да се постигне примирје во конфликтите во Украина, Газа и Судан и дека за ова прашање ќе го ангажира кинескиот претседател Си Џинпинг. „Тоа е можност во која ќе се обидам да вклучам многу наши партнери. Кинескиот претседател доаѓа во Париз за неколку недели, ќе го замолам да ми помогне“, рече тој.

Песков, одговарајќи на посебно прашање за Кина, рече дека позицијата на Пекинг за украинскиот конфликт е „многу избалансирана и конструктивна“.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ