Пелистер по долго време го победи Вардар во Скопје, можеби во вистинско време за да ја освои шампионската титула. Со овој триумф тие имаат два бода повеќе од нивниот најголем ривал и ако не го загубат мечот на свој терен, ќе станат шампиони.
Клучен за успехот на Пелистер беше довчерашниот голман на Вардар, Марко Кизиќ кој имаше фантастично второ полувреме во кое запиша осум интервенции, една од нив беше и пенал.
Вардар тргна добро во мечот, имаше водство од 9-7, но потоа следуваше пад, Еурофарм Пелистер го сврте резултатот и на полувремето замина со водство од 12-11.
Во вториот дел Кизиќ одбрани неколку удари на Вардар, додека Еурофарм Пелистер во нападот изгледаше непогрешливо. Во 56. минута имаа водство од 24-20 и се чинеше дека тука е крајот, но следуваше серија од 3-0 на вардарци и напад за реми. Сепак Кизиќ се испречи и не дозволи неговиот тим да ја загуби предноста.
Еурофарм Пелистер на крајот се радуваше на заслужена победа, а на Вардар ќе му биде потребна победа во жешка атмосфера во Битола, каква што денеска имаше во Скопје со навивање од двете навивачки групи, Комити и Чкембари.
Најдобар стрелец кај Пелистер беше Рениер Табоада со шест голови, Мандалиниќ постигна пет. Кај Вардар шест даде Дибиров, пет Моралес. Голманите потфрлија, Мартин Томовски и Борко Ристовски заедно имаа седум одбрани.
Доколку двете екипи не направат кикс со некои од другите противници, што е малку веројатно, клучниот натпревар за титулата се игра на 30 април во Битола.