Очекувањата и реалноста на македонската ракометна репрезентација

Македонската ракометна репрезентација го одигра најлошто европско првенство досега, не ги исполни очекувањата на јавноста, но дали тие очекувања се реални за моменталната состојба на нашата селекција? 

Победа над Украина со гол во последната секунда, пораз од Чешка и дебакл од Австрија, тоа беше настапот на Македонија на Европското првенство. Ракометарите ги разочараа армијата навивачи што отпатуваа во огромен број во Виена, го разочараа селекторот, се разочараа и себеси.
 
Дали очекувањата беа реални?
 
Се израдувавме на ждрепката за Европското првенство, добивме група каква што посакувавме, составена од познати селекции, кои не отскокнуваат од нашето ниво. Оптимизмот се зголеми. На хартија не само што можевме да се носиме со сите, туку бевме и благи фаворити.
 
Високите очекувања на македонската јавност се темелеа главно на ракометното минато на нашата репрезентација, но реалноста на оваа селекција е поинаква. Во квалификациите Македонија одигра само еден добар натпревар, оној во Исланд. Во Кожани го доживеавме најголемиот ракометен срам, поразот од Грција, со Грците не покажавме моќ ниту во Струмица, се мачевме и со Турција на двата меча. Падот на македонската ракометна репрезентација беше очигледен, но некои не сакаа да го видат. Лошиот настап не е изненадување, тој е логична последица на актуелната состојба.
 
 
Причини има повеќе, и индивидуални, и колективни. Ракометарите ги немаа потребната дрскост, храброст, одлучност што ги красеа нивните претходници, немаат м*да за големи турнири. Недостасува идеја во нападот, речиси целиот товар е на плеќите на Кире Лазаров, тој постигнува голови, тој асистира. Другите тоа го прават инцидентно, никој не се истакна.
 
Ротацијата и на ова првенство беше мала, можеби беше време да им се даде шанса на сите ракометари што се на клупата, без разлика каков ќе биде исходот. Искуство не се стекнува со гледање на мечевите крај аут линијата, потребни се минути на највисоко ниво за да се напредува.
 
Кире Лазаров на еден натпревар даде речиси исто голови колку Талески и Кузмановски заедно на целото првенство
 
Кире Лазаров на 10 мај ќе наполни 40 години, капитенот на оваа возраст е далеку пред сите останати наши ракометари, во секој поглед. Професионалец од кој може да се земе пример, но никој не го зема. Тој ја донесе победата над Украина, им даде 11 гола на Чесите, а кога Австријците играа фластер на него, доживеавме дебакл. Кире е Кире затоа што кога ја почнувал кариерата, решил да работи, да го дава максимумот и на тренинзите и на натпреварите, комплетно да му се предаде на ракометот. Речиси ниту еден од ракометарите што пред неколку години ги обележавме како таленти со голем потенцијал не се развива во она што го очекувавме. Филип Талески замина од Рајн Некар во помал германски клуб за да игра повеќе, но ниту во Балинген не успева да се избори за пристојна минутажа. Филип Кузмановски не ни стагнира, се движи во надолна линија, беше најголемото разочарување на турнирот. Бековската линија, која треба да биде движечка и креативна сила на една репрезентација, ни станува слабост. 
 
 
Без разлика кога ќе одлучи да ја заврши кариерата, јасно е дека Кире Лазаров нема уште долго време да го имаме во репрезентацијата. На што ќе личиме по неговото заминување тешко е да се предвиди. Позитивното сценарио е дека останатите без него ќе ја поделат одговорноста меѓу себе, ќе се создаде баланс, кој со текот на времето ќе функционира сè подобро и подобро. Негативното сценарио е дека без капитенот тотално ќе се загубиме.
 
Перцепцијата за успех треба да ја намалиме
 
Во годините што доаѓаат треба да сфатиме дека секој настап на Македонија на големо натпреварување ќе биде успех, а се над тоа ќе биде пријатно изненадување. Создавањето притисок за нереални достигнувања може само негативно да влијае врз настапот на ракометарите. Време е за нов почеток, за создавање нова репрезентација, која ќе гради сопствен идентитет. Македонија е ракометна земја, на успеси во овој спорт ќе се радуваме и во иднина, но некогаш треба трпение и време за да изградиме нови херои.
 
Ристе Ѓорѓиевски

Пандемијата на коронавирусот која го зафати целиот свет, не само што има огромно влијание врз јавното здравство, општеството и економијата како целина, туку предизвика пустош и во спортот.

повеќе

За транспортерите – благодарам, за мерките – итност, за компаниите надеж дека Владата ќе ги искористи сите ресурси на државата за да ги одржи во живот, без разлика на цената што треба да се плати за тоа.

повеќе

Пандемијата со коронавирусот започна во време кога довербата во институциите беше на рекордно ниско ниво. 

повеќе