ЕП 2020

Момент на вистината за Македонија, можеме ли да го победиме домаќинот?

Македонската ракометна репрезентација денеска го игра последниот меч од групната фаза, потребна ни е победа од два или повеќе разлика против Австрија за да се пласираме во следната рунда од Европското првенство. 

Македонија со почеток од 18:15 часот го игра решавачкиот дуел за пласман во следната фаза, пречката до останување на континенталниот собир е домашната селекција на Австрија.
 
Нашата репрезентација потешко од очекувањата ја совлада Украина но целта беше остварена на тој дуел, лошото втор полувреме против Чешка нè чинеше пораз по кој се најдовме во ситуација да зависиме од последниот дуел во групната фаза.
 
Австрија има две победи во првите два натпревари, домаќинот покажа дека е одлична репрезентација, особено опасна на бековските позиции. Никола Билик и Јанко Божовиќ одиграа страшни натпревари против Чешка и Украина и беа најзаслужни за победите на Австријците.
 
Играта во одбраната ќе биде клучна за победа во овој дуел. Aко ја пресликаме играта од првото полувреме со Чешка, без пад во вториот дел, може да се надеваме на резултат кој го посакуваме. Товарот во нападот го носи Кире Лазаров кој е убедливо најдобар и покрај тоа што има 39 години. Нашиот капитен нема голема поддршка од останатите бекови и тоа треба да се промени на денешниот меч. 
 
Калкулациите велат дека ако ја победиме Австрија со два или повеќе голови разлика сигурно одиме во следната фаза. Најдоброто сценариот е да победиме со два или три разлика, но не повеќе од тоа, така би пренеле и два бода од дуелот со нив. Ако триумфираме со повеќе од три разлика ќе ги елиминираме нив, а тоа значи дека Чешка ќе пренесе два бода, а не ние.
 
Европското првенство можеме да го продолжиме и со обична победа од еден гол разлика, па дури и со реми, но во таков случај зависиме и од мечот меѓу Чешка и Украина кој се игра подоцна, во едно такво сценарио Чесите не смеат да победат.
 
Домашниот терен може да биде предност за Австрија, но и не мора, „Фалангата“ е на своето највисоко ниво во Виена, може да ја добие битката на трибините и да им го даде тој ветар во грб на ракометарите кој ќе биде неопходен во одредени моменти.
 
Судбината си ја кроиме сами, од нас зависи дали ќе продолжиме понатаму, ова е момент на вистината за силата на нашата репрезентација, има ли Македонија капацитет да го надигра домаќинот и да го продолжи настапот на Европското првенство? Ќе дознаеме вечерва.
 

Интернационалистички, универзалистички и солидарен пристап е единствениот начин да се надмине еколошката и климатска криза, во регионот и пошироко.

повеќе

Мора да се пристапи кон воведување нови мерки за поголема контрола на лицата кои поседуваат нелегални пари.

повеќе

Визија на развиениот свет е државните авторитети да го гледаат спортот како средство за подобар економски и социјален развој.

повеќе