ЛШ фајнл-фор Келн

Многу работи потсетуваат на 2017, може ли Вардар пак да се искачи на европскиот престол?

Вардар денеска го почнува третиот по ред настап на фајнл-фор турнирите од Лигата на шампионите, силната Барселона е првата голема пречка до трофејот, македонскиот тим го има „епитетот“ на аутсајдер во овој дуел, но тоа му одговара.

И покрај сите заминувања и проблемите со кои се соочуваа во текот на целата сезона, Вардар предводен од Роберто Парондо стигна до завршниот турнир од Лигата на шампионите наспроти сите предвидувања кои беа правени пред почетокот.
 
Можеби и самите Вардарци не веруваа дека крајот на сезоната повторно ќе го играат во Келн, но како одминуваше времето и тие и ние се уверувавме дека победничкиот менталитет се уште е присутен во тимот и тој е движечка сила која ги носи црвено-црните во нови големи успеси.
 
Задачата на Парондо да го наследи Раул Гонзалез без неколку врвни ракометари кои заминаа беше тешка, но Шпанецот го направи тоа маестрално. Вардар во изминатите натпревари покажа моќ, карактер, сплотеност и знаење, ги урна сите пречки и стигна до фајнл-фор турнирот во Келн.
 
Овој завршен турнир потсетува на оној од 2017, Вардар повторно игра во полуфинале против Барселона, аутсајдери сме како и тогаш. Тука повторно е и Веспрем, го нема само ПСЖ кој беше исфрлен од Кјелце.
 
Барселона има страшен тим, најдобар од сите четири екипи, тие можат да направат два идентично силни состави, имаат ракометари со различни карактеристики со кои можат да го менуваат стилот на игра во текот на натпреварот доколку не им оди.
 
Но ракометот е игра во која паѓаат фаворитите повеќе од било кој друг спорт. Веќе неколку години по ред трофејот во Лигата на шампионите го освојува оној на кој му се даваат најмалку шанси. За разлика од минатата година кога Вардар во Келн допатува како шампион, а со тоа носеше голем притисок на плеќите, овој пат е аутсајдер, улога која повеќе му одговара.
 
Одбраната би требало да биде клучна и за овој меч, бедемот од Криштопанс, Калараш и Мораеш изгледа страшно за било кои бекови, но треба да се внимава на играта преку прикер и крила на противникот. Вардар прими многу голови од линијата за шест против ПИК Сегед, но Парондо и неговите соиграчи сигурно ги направиле анализите и денеска подготвени ќе истрчаат во „Ланксес арената“. Дејан Милосављев го игра најголемиот меч во својата кариера, текот на натпреварот многу ќе зависи и од неговата партија.
 
Во нападот Криштопанс може да биде најсилното оружје на Вардар, летонскиот џин има огромен напредок оваа сезона, стана еден од најважните играчи во тимот. Карачиќ има фантастична сезона, истапи кога беше најпотребно, кога тимот се соочуваше со отсуства поради повреди на левата бековска позиција, покажа дрскост кој треба да ја има и вечерва против Барселона. Ефикасна партија може да се очекува и од Дибиров кој е првото шило во контра нападите и ракометарот со најразновиден вртен удар од крилна позиција.
 
„Третпат по ред сме тука. Не сме фаворити туку играме против најголемиот фаворит на годинешниот Ф4, Барселона. Овој тим имаше одлична сезона. Сепак, тука во Келн годинава сите имаат свои шанси. Се работи за еден натпревар, никој не може да знае како ќе отвориме и сè може да се случи на терен“, вели капитенот Стојанче Стоилов.
 
Вардар два пати загуби од Барселона во групната фаза од Лигата на шампионите, но отогаш работите се променети, посебно во нашиот тим кој изгледа многу подбро, „поскоцкано“. Парондо вели дека е многу важно како ќе го почнеме натпреварот, ако имаме добар старт, ќе имаме и добри шанси за пласман во финалето.
 
„Загубивме во групната фаза од Барселона, но од тие натпревари помина време, мислам дека сега играме многу подобро. Важен е стартот на мечот, како ќе почнеме. Ако одиграме добро во првите минути ќе имаме шанси за пласман во финалето“, изјави Парондо.
 
Поддршката од трибините ќе биде на страната на Вардар, Барселона има најмалку навивачи во Келн, Вардарци ќе го имаат тој ветар во грб од грлата на своите фанови, а тоа има своја улога во мечот. 
 
Натпреварот меѓу Вардар и Барселона почнува од 18 часот. Ќе го судат летонските судии Зигмар Сондор и Ренар Лицис. Делегати ќе бидат Роберт Дујардин од Франција и Ојвинг Тогстад од Норвешка.
 
Ристе Ѓорѓиевски,
специјално од Келн за МКД
 

Македонските граѓани конечно го гледаат крајот на илузијата што им се продава од осамостопјувањето до денес.

повеќе

Министерот за финансии не треба да е кум, баџанак, шура, братучед или самиот тој, бидејќи треба да даде отпор на честите политички, но не и економски барања на членовите на владата.

повеќе

Зрелоста на еден народ е да препознае кога протестите за замена му ги продаваат како протести за промена. 

повеќе