Женската ракометна репрезентација на Македонија го одигра првиот натпревар на Европското првенство, разликата во квалитет беше јасна, Французинките беа многу посилни и на крајот дојдоа до убедлив триумф.
Избраничките на Љубомир Савевски го дадоа максимумот, одиграа борбено и не разочараа на стартот од шампионатот.
На почетокот се чувствуваше импресионираноста кај македонските ракометарки од големиот настан, првиот гол го дадовме дури во 16. минута од натпреварот кога Кирпијановски погоди и намали на 5-1.
До крајот на првиот дел дадовме уште четири погодоци, на одморот се замина со водство на Франција од 12-5.
Во вториот дел кога веќе беше јасен исходот на мечот и составите беа комбинирани, повеќе ракометарки добија шанси, а тоа ни донесе многу подобро полувреме. Дадовме девет голови, крајот резултат беше 24-14 за Франција.
Јаневска со пет погодоци беше нашата најдобра ракометарка, Саздовска постигна три, Мицевска имаше осум одбрани. Во составот на Франција, Ласурс постигна четири голови.
Следниот натпревар на Македонија е против Холандија во понеделник со почеток од 18 часот.