Македонија имаше фантастично отворање на мечот, поведовме со 4-0, а Данска својот прв гол го постигна дури во деветтата минута.
Но потоа работите почнаа да го добиваат очекуваниот тек, Данска направи серија од 6-1 и дојде до водство кое не го пушти до самиот крај на мечот. На одморот заминаа со предност од 15-11.
Во второто полувреме Данците продолжија да го зголемуваат водството, јасна беше разликата во квалитет на теренот, имаа и највисоки 12 голови разлика, на крајот победија со десет, 31-21.
Жарко Пешевски со шест од шест беше убедливо најпрецизниот во македонскиот табор, Талески и Мишевски имаа по три, а голманите беа скромни, Митревски со шест одбрани (пет во првиот дел), Томовски со една.
Ова беше последен меч за Македонија на Европското првенство. Завршивме на последното место во групата со три порази од три натпревари.
Пред нас е Словенија која успеа да ја победи само нашата репрезентација, а во втората фаза одат Данска и Црна Гора.