Од стручен агол

Македонија ја доби психолошката војна и освои двa важни бода против фаворитот Словенија

Голема победа на македонската национална селекција на ЕП во Хрватска. Победа на македонскиот спорт. Победа на целиот македонски народ. Победа како доказ за големото македонско срце и менталната сила на дружината на капитенот Лазаров и „ел команданте“ Гонзалез. Победа што ни дава ментална стабилност и ги разбива сите стереотипи за македонските спортисти, екипи и селекции. Но за победа против третата светска велесила е потребно многу повеќе од само големо срце и психолошка стабилност.

Македонија стартуваше брзоплето во нападот и со непотребна алиби-дуел игра во нападот

Лошо го започна Македонија вчерашниот натпревар во Загреб против фаворитот Словенија. Во нападот со најсилен состав наидовме на цврста 6-0 зона со Хенингман и Благотиншек како централни бранители на позиции 3 и 4. И тука наместо да создаваме ситуација за гол ширејќи ја зоната и напаѓајќи со Миркуловски на високиот и недоволно искусен Хенингман, ние како да игравме за противникот и се обидувавме брзо да ги решаваме нападите. На тој начин високиот блок на противникот и, во првото полувреме, одличниот Шкок создаваа можност за лесна имплементација на замислите на селекторот на словенците и позитивен резултат на противникот.

На другата страна од теренот, Вујовиќ, во свој стил мечот го почна со изненадување во Хенингман на лев и Млакар на десен бек и без Блаж Јанц на десната крилна позиција. Се разбира главната улога во нападот ја имаше „малиот генерал“ Миха Зарабец кој по вкрстување со пивотите на една или друга страна се доведуваше на широк простор да игра еден-на-еден со нашите дефанзивци и на тој начин најчесто асистираше со бековите (најчесто Млакар, но и Мацковчек подоцна) и пивотите. Секако, нашата зона во многу му помогна на противникот, со индивидуални алиби излети надвор од 8-9 метри оставајќи „дупки“ во зоната. Кога на сето ова во првите 15-тина минути ќе се додаде и лошиот старт на Ристовски очекувано Македонија се најде во непријатна ситуација да брка негатива.

Митревски внесе енергија на теренот

На средината на првото полувреме при негатива 7:10, селекторот Гонзалез се одлучи да го промени Ристовски со Митревски и се чини тоа внесе нова енергија на теренот, кога популарниот Никуч со три-четири одбрани во серија ја врати Македонија „во игра“. Во овој период, како и во текот на целиот натпревар Словенија во одбрана играше доста грубо, што резултираше со голем број исклучувања и тоа на некој начин го држеше натпреварот во неизвесност. Тоа што беше карактеристично за вторите 15 минути од првиот дел е дека Вујовиќ внесе во игра комплетно нова и свежа постава, со Вердинек, Мацковчек, Кавтичник, Забиќ и Јанц. На другата страна Раул ги внесе Прибак и Пешевски во игра како замена за заморените Миркуловски и Стоилов кои и играа во „два правци“ и беа најчеста мета на зоната на словенците.

 

Лазаров и Манасков стрелаа, зоната заигра тимски а Митревски брилираше

Кога ќе одиграте едно полувреме на начин на кој тоа го направи нашиот национален тим против ракометна велесила (макар и десеткувана), бледо и со повремени блесоци, а сепак на крајот семафорот ќе покажува 11:11, тоа значи дека овој состав македонски ракометари е мошне силен и не го кажал последниот збор. Тоа и се случи во вториот дел. Две работи имаа влијание на промената на ритамот (и резултатот) во овој дел од натпреварот. Нашата зона се повлече и се згусти што му даде поддршка на Митревски да продолжи да брани на високо ниво, а од друга страна грубата игра на противникот многу често ни даваше предност од играч плус во нападот што најдобро го искористи Дејан Манасков. Работата во одредена мера ни ја олесни и селекторот на противникот, кој продолжи да ротира играчи во составот сакајќи да добие полн ефект од широкиот ростер на играчи (Гребенц имаше неколку технички грешки во напад, а Сухолезник беше исклучен во одбраната).

Зарабец и пивотите на Словенија се заканија, Ристовски и Филип Лазаров им пресудија

Во финишот на натпреварот се влезе во неизвесна завршница, нашиот тим полека почна да губи здив со големиот избор на играчи на селекторот Вујовиќ и вчера одличниот Зарабец. Во игра со повеќе грешки отколку квалитетни потези, иако синоќа не видовме скоро ништо од стилот на игра на „ел команданте“ Гонзалес, сепак натпреварот во самиот финиш го решија два негови потези и тоа, враќањето на гол на до тогаш индиспонираниот Ристовски и внесувањето во игра на Филип Лазаров (иако влегуваше и во првиот дел, секогаш кога Македонија имаше играч повеќе во поле). Борко „скина“ два важни зицери а Филип постигна многу важен погодок. Доволно за важна победа на стартот на првенството.

Македонија ја доби и психолошката војна, но и двата бода кои многу лесно можат да се пренесат во следната фаза. Но, за тоа треба утре да се одигра на високо ниво со селекцијата на Црна Гора која денес имаше непријатно искуство со европските прваци.

Да бидеме со двете нозе на земја и во среда да играме со „панцирите“ за прво место во група.

Напред Македонија!

 Стручен аналитичар на МКД.мк: Горан Ѓоргоноски

Ова повеќе не е „бегалска криза" ниту „криза за управување со бегалци". Сега веќе е хуманитарна криза по сите дефиниции.

повеќе

Али Ахмети на средбите со Тачи и Харадинај изразил уверување дека македонските Албанци се подготвени да имаат блиска соработка со Косово во насока на проширување на влијанието на албанскиот фактор.

повеќе

Сега треба лидерите во Скопје, Атина, Брисел, па дури и во Вашингтон да осигурат дека храброста што ја покажаа македонските граѓани нема да биде залудна.

повеќе