На употребата на името Македонија, без одредницата „Северна“, на почитувањето на Договорот од Преспа, но и на ставот на Грција за конкретното прашање, акцентот го ставаат дел од грчките медиуми во анализите по завчерашните избори, по убедливата победа на ВМРО-ДПМНЕ и промената на политичката сцена, јави МИА од Атина.
Весникот Та неа во текстот под наслов „Нивна обврска е строго почитување на Договорот од Преспа“ пишува дека „Атина со зголемен интерес и смиреност ја следи промената на политичката сцена во Скопје“, а грчки дипломатски извори рекле дека изборите се демократски процес „чиј резултат ќе се почитува каков и да е“, а во исто време подвлекле дека „прилично поткопувачките позиции во однос на Договорот од Преспа, кои беа јавно изразени во предизборниот период од лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски не останаа незабележани и во никој случај не ја задоволуваат Атина“.
Обврска на Скопје е строго да го почитува Договорот од Преспа, забележуваат дипломатските кругови од Грција, посочувајќи дека Северна Македонија несомнено е важна земја во поширокиот регион со која сакаме да имаме добрососедски односи и која ја поддржуваме во однос на нејзината европска перспектива, пишува „Та неа“.
Весникот пренесува и дипломатски извори од Скопје, „кои ја отфрлаат можноста ВМРО-ДПМНЕ да го стави во опасност почитувањето на она што е вклучено во текстот на Договорот од 2018 година меѓу Грција и Северна Македонија“.
„Кој и да е на власт во земјата, Договорот од Преспа ќе се почитува целосно, оценуваат од Скопје, потенцирајќи дека воопшто не е случајно што во текстот на Договорот од Преспа нема клаузула шо споменува рок на траење. „Тоа значи дека Договорот од Преспа е потпишан и е тука за да остане“, забележуваат истите дипломатски извори, пишува Та неа.