ЕП 2022
Лазаров: Горд сум на играта, но разочаран од резултатот

Кире Лазаров за првпат како селектор ја водеше Македонија на едно големо натпреварување. Тој требаше и да игра, но поради повредата заработена на вчерашниот тренинг не може да помогне во играта.
Сепак, тој е задоволен од играта на неговите ракометари, но смета дека конечниот исход не требало да биде пораз.
„Горд сум поради начинот на кој моите момци го одиграа натпреварот, со оглед што Словенија има ракометари кои играат во најдобрите тимови во Европа. Истовремено, разочаран сум затоа што мислам дека заслуживме најмалку бод, па дури и два. Ги уморивме и надигравме, но не верувавме до крај дека можеме да ги добиеме. Пробав да ги убедам, но на крај не успеав во тоа и затоа сум разочаран“, вели Кире Лазаров.
„На прав пат сме и треба да продолжиме така. Треба да го заборавиме поразот и да одиграме два добри натпревари до крајот на првата фаза. Прво треба да ја добиеме Црна Гора, па потоа да мислеме и на Данска. Секој меч е тежок на големо натпреварување, но мислам дека ќе бидеме сѐ подобри и подобри. Во моментов чувството е добро, но мислам дека утре кога ќе се разбудиме ќе се чувствуваме лошо“.
Наредниот меч на Македонија е во сабота против селекцијата на Црна Гора.
Ракомет
Објавено на
13 Јануари 2022 - 20:31