Македонскиот капитен задоволен од сезоната на Нант

Лазаров: Целта на почетокот ни беше да ја поминеме групата, сега сме втори во Европа

Кире Лазаров вели дека Нант направил многу поголем успех отколку што можеле да замислат пред почетокот на сезоната, па и покрај поразот во финалето тие треба да бидат презадоволни со второто место.

Нант беше во игра, но падна во финишот со Монпелје и загуби убедливо во финалето, но за овој тим и второто место е голем успех.

Тешко е да се играат овие Ф4-турнири. Сите доаѓаат со иста амбиција – освојување на трофејот. Тоа те троши многу ментално, бидејќи постојано размислуваш, тренираш и живееш за тој пехар. Меѓутоа, тоа, пак, е најубавото во спортот, затоа и работиме и тренираме цела година. Некогаш во животот треба да се биде реален, затоа ќе кажам дека Монпелје заслужи да биде првак. Не само сега, туку во целата сезона. Ја поминаа Барселона, Фленсбург , го победија Вардар и на крај нас. Исто така долго доминираа во француската лига, која моментно е, можеби, најдобра и затоа треба едноставно да им се честита",вели Лазаров по мечот.

Ние се држевме добро, бевме во игра, но ни недостигаше она мало искуство. Со голем респект за моите играчи, за 70-80 отсто од нив ова е прва година во која воопшто играат Лига на шампиони. Тоа се големи играчи, но играле во такви клубови со кои немале шанса за вакво искуство. Секое искуство се плаќа и ако ова го прифатат така ќе биде добро за нас. За Нант како клуб, кој допрва треба да расте, можеби и не е така добро уште од во првиот обид да го освои пехарот, затоа што ќе помислат дека секоја година треба да го освојува. А има клубови како Барселона, Кјелце, Веспрем, Фленсбург...кои воопшто не можеа да дојдат до Ф4, камо ли да играат финале".

„Кога дојдов минатото лето во Нант, амбицијата беше да бидеме во првите три екипи во Франција, за да обезбедиме ЛШ и за следната сезона, а прашавме што во ЛШ? Рекоа 'само да поминеме група'. Малку ми беше чудно, но си рековме супер. Еве не само што поминавме група туку стигнавме до финале, така што направивме многу чекори напред. Загубивме од Монпелје, кој е клуб со поголема традиција, кој веќе ја освојувал ЛШ и тоа со истиот тренер. Ако сме паметни треба да бидеме позитивни".

„Јас лично имав тешка сезона. Француската лига бара многу и многу е исцрпувачка. Тоа не можев да го увидам гледајќи на ТВ, но го почувствував кога почнав да играм. Можеби најдобрата лига во свет, можете да загубите и од последната екипа и затоа секогаш морате да бидете на 100 посто. Меѓутоа задоволство е да се игра секогаш пред полна сала и секогаш под тој набој, да не знаеш дали ќе победиш или не. Така не беше во Шпанија. Имајќи ги двете искуства, за да можеш да ги оствариш соништата, би го избрал второто. Подобро е да играш во подобра лига, да бидеш во натпреварувачка форма за да можеш да играш вакви натпревари. Гледате што им се случи на Вардар и на Барселона. На Вардар мислам дека му недостигаа силни натпревари кон крајот на сезоната. Сепак, еден квалитетен, добар натпревар, не може да замени не знам колку тренинзи. Исто е и со Барселона".

Ристе Ѓорѓиевски,
специјално од Келн за МКД
Фото: Роберт Атанасовски

Владите постојано ги повторуваат истите грешки. Тие го сметаат долгот како предност за долгорочен раст, наместо она што тој всушност е: тежок товар и извор на масивни долгорочни ризици.

повеќе

Гостиварскиот градоначалник од сограѓаните побара да бидат потолерантни кон однесувањето на печалбарите.

повеќе

Дента кога македонската делегација беше на пат за Нивици, Заев со себе требаше да понесе еден венец.

повеќе