Македонските ракометари доцна синоќа пристигнаа во Египет, но поради протоколите кои следуваа немаа многу време за одмор. Уште во автобусот им беа направени првите тестови, а потоа во хотелот имаа уште едно тестирање.
Утринава добија добра вест, тестовите на сите ракометари се негативни, па селекторот Данило Брестовац ќе ги има сите играчи на располагање.
Се обезбеди и термин за тренинг, па но ракометарите поминале патешествие додека да го одржат, директорот на репрезентацијата, Левче Китевски вели дека изгубиле четири часа за тренинг од 50 минути.
Тоа што го кажа Сагосен претходно го потврдија и нашите, хотелите се полни и со други луѓе кои немаат ништо со првенството, па треба повеќе дa се внимава.
„Здравствениот билтен засега е добар. Тестовите и во автобусот и во хотелот се негативни. Се сместивме во собите по полноќ но условите не се на ниво на Светско првенство. Утрово во 10 часот имавме тренинг, возењето е проблематично, изгубивме вкупно четири часа за тренинг од 50 минути. Во хотелот има и други гости, што значи дека мораме да се пазиме многу поради здравјето“, вели директорот на репрезентацијата, Левче Китевски.