Македонските ракометари ни приредија ново разочарување на Светското првенство во Египет, овој пат пораз од домаќинот со 19 голови ралзика.
Грешките од дуелот со Шведска не беа поправени, и овој пат изостана борбеноста која беше потенцирано дека мора да се подобри. Бевме очајни во нападот и лоши во одбраната.
Во првото полувреме постигнавме само шест гола и тоа три погодоци имавме дадено до шестата минута од мечот, што значи дека за преостанатите 24 минути само трипати ја затресовме мрежата на Египет. А и тие три погодоци ги дадовме во серија. Првото полувреме заврши со 20:6 за домаќините.
Натпреварот беше решен по првите 30 минути, па капитенот Лазаров остана на клупата во вториот дел, таму беше и Стоилов. И селекторот на Египет, Парондо ги повлече најдобрите, а тоа ни овозможи да го подобриме учинокот во второто полувреме кое го загубивме со 18:13, за вкупен пораз од 38:19.
Најефикасни во нашиот состав беа Лазаров, Пешевски и Маркоски со по три постигнати голови, Томовски имаше седум интервенции. Кај Египет Шебиб постигна осум голови.
Ова беше најтешкиот пораз на Македонија на Светските првенства, а малку фалеше да биде и пораз со највисока разлика на големите натпреварувања.
Сепак и покрај овие два порази се уште имаше шанси за втората фаза, потребна ни е победа над Чиле на мечот кој го играме во понеделник од 15:30 часот.