Македонија со победата над Чиле ја оствари целта, пласман во втората фаза од Светското првенство. Настапот на Мундијалот го почнавме со два катастрофални меча, но издание против Чилеанците беше задоволително.
„Не можеме да ги споредуваме натпреварите, секој е различен, подготовката за секој меч е различна. Веќе се навикнавме на условите во Египет, на постојаните тестирања, сите ограничувања. Искрено не се ни сомневав дека ќе го победиме Чиле. Малку ме заплаши тимската реакција на првите два меча, но на дуелот со Чиле одигравме добро. Тоа беше една тимска победа, секој даде свој допринос. Презадоволен сум од некои играчи и гледам дека и јавноста полека почнува да им верува, пример во Костески добиваме крило за наредните десет години. Има реакција и кај Танковски, Мишевски, Димитриоски, Цветан Кузманоски...“, вели Брестовац.
„Победата над Чиле може да биде добар знак, да го симне притисокот и во наредните три меча да влеземе порастеретено и да покажеме добри партии бидејќи главната цел ја остваривме. Да покажеме борбеност, дисциплина, нешто што ни фалеше во првите два меча“.