Австралиските власти го добија второто судење против Новак Ѓоковиќ и го депортираа српскиот тенисер. Судот сега ја образложува одлуката.
„Тениска икона може да влијае на луѓе од сите возрасти, стари или млади, а особено на младите да го следат. Тоа не е ништо необично и не треба да се докажува“, рече судијата.
Според судот фактот што Новак Ѓоковиќ не е вакциниран претставува ризик за локалната заедница. Доколку тој учествувал на турнирот државата стравувала дека би можеле да се случат масовни протести низ улиците, а тоа ќе го зголеми ширењето на новиот сој на ковид-19, омикрон.
Адвокатите на Ѓоковиќ го бранеа ставот дека одлуката на министерот Алекс Хок да ја поништи визата на Ѓоковиќ, не е поткрепена со докази дека ќе може да влијае на антиваксерско расположение во земјата, тие велеа дека неговата депортација може да има поголемо влијание на тоа.
Федералниот суд образложи дека министерот за имиграција постапил по законот и го искористил своето дискреционо право да ја поништи визата на човек за кој мисли дека би претставувал ризик за јавното здравје и јавниот ред во Австралија.
Утринава се појавија гласини дека Новак Ѓоковиќ ја разгледува можноста да ја тужи Австралија за нејзиниот третман кон него и укинувањето на виза која веќе му била дадена. Тој ќе бара милионско обесштетување.