Вардар во изминатите денови беше некомплетен на тренинзите поради настапот на дел од ракометарите на Светското првенство, но Талески, Димитриоски и Мишевски се враќаат во стројот и ќе му бидат на располагање на Алушовски за мечот со Војводина.
„На два дена до почетокот на полусезоната може да кажам дека и натаму сме некомплетни. Ракометарите кои имаа репрезентативни обврски се надвор од стројот. Работиме со оние кои што се тука, колку што дозволува кадарот да се одработи нешто квалитетно за што подобро да се подготвиме за дуелот со Војводина“, вели Алушовски.
„Тоа е една квалитетна екипа која што е составена од млади играчи, кои многу трчаат, ги гледав на последниот натпревар против Кикинда во српското првенство. Играат брз и модерен ракомет, цврсто во одбраната со многу транзиција. Очекувам да одиграме еден сериозен натпревар. Вардар секогаш кога игра на домашен терен против било која екипа, дали е тоа СЕХА или Лига на шампиони, ние се трудиме да ја прифатиме фаворитската улога, така ќе биде и на дуелот со Војводина“.
„Без разлика што сме некомплетни на тренинзите, но ќе бидеме комплетни на натпреварот. Ќе бидеме комплетни само на еден тренинг, но се надевам дека на натпреварот ќе одиграме коректно, кој ќе биде добра подготовка за она што не очекува во февруари“.
Мечот меѓу Вардар и Војводина се игра утре (четврток) од 17:45 во салата „Јане Сандански“.