Скандал во македонската младинска кошарка

Работнички и Струмица тврдат: Дино Баскет од Кочани со лажна документација на кошаркари стана шампион на Македонија!

КК Работнички и КК МВП Струмица тврдат дека КК Дино Баскет од Кочани станал шампион на Македонија во категоријата за кошаркари до 14 години со помош на играчи што настапиле со фалсификувана документација, односно биле постари од предвидената возрасна граница.

Изминатиот викенд во Кочани се одржа фајнл-фор турнирот за кошаркари до 14 години. Дино Баскет во полуфиналето ја елиминираше МВП Струмица (95-91), а во финалето го победи Работнички (87-75) и стана шампион на Македонија. Но шампионската круна може да се покаже скандалозна доколку се потврдат како вистинити тврдењата на Струмица и Работнички дека за Дино Баскет настапиле двајца кошаркари со фалсификувана документација, односно со лажиран датум на раѓање.

„Се работи за фалсификувани лиценци, бараме од кошаркарската федерација да се казнат одговорните лица за овој скандал. Во МКФ детално се запознаени со случајот. Во нашиот официјален записник и пред и по натпреварот се пожаливме дека двајца кошаркари на Дино Баскет се родени во 2004 година, а не во 2005. Имавме легитимно право да не го играме овој меч, но не сакавме да го уриваме натпреварувачкиот дух на младите кошаркари. Факт е дека за клубот од Кочани настапија кошаркари постари од предвидената возрасна граница. Му даваме поддршка на новото раководство на МКФ да го реши овој случај во полза на младинската кошарка. Клубовите треба да се фокусираат на развој и на едукација на младите спортисти, а не со валкани игри да се обидуваат по секоја цена да дојдат до трофеј, кој не треба да биде приоритет во овие категории“, изјавија за МКД.мк од Работнички.

Од КК МВП Струмица велат дека на вакви прекршоци биле сведоци и во минатата година, тие бараат новото раководство на МКФ подлабоко да го истражи случајот и да ги казни прекршителите и за нерегуларностите од минатите сезони.

„Во соработка со Работнички работиме на расветлување на случајот, бидејќи и двата клуба сме оштетени на турнирот во Кочани. Ова не е прв случај, исто беше и на завршниот турнир пред две години. Ние бараме само да се почитуваат правилата, да се казнат виновниците и да се ревидираат резултатите и од овој турнир и од тој од пред две години. Вложуваме во кошарката, вложуваме во младинските школи и не е во ред некој да нè прави будали и да победува заобиколувајќи ги правилата. Контактираме и со надлежните органи со цел да се утврди вистинската возраст на децата, се надеваме дека случајот ќе биде расветлен и МКФ ќе донесе одлука што ќе биде пример за сите во кошарката“, ни изјави претседателот на КК МВП Струмица, Сашо Масев.

Од МКФ ни изјавија дека е почната процедура за расветлување на случајот. Комесарот за натпреварување, Сречко Хорват побарал дополнителни документи од Дино Баскет од Кочани и ќе се постапува согласно со пропозициите за натпреварување на младински лиги.

Лажирањето на датумот на раѓање на спортистите е многу голем прекршок во светот на спортот, со фалсификуваната документација се менува и идентитетот на спортистот, кој подоцна може да има сериозни последици поради тоа. Најчестите случаи на фалсификување на возраста доаѓаат од помалку развиените земји, каде што младинските категории не се третираат на најсоодветен начин. 

Ристе Ѓорѓиевски

Нема пазар доколку нема информации. Дајте ги информациите за пазарот на грозје.

повеќе

Овој термин, без исклучок го употребуваат сите партии кога се во опозиција. СДСМ, ВМРО-ДПМНЕ, Алијанса за Албанците, ДПА...

повеќе