СКАНДАЛОЗЕН ОДНОС КОН КОШАРКАРСКАТА РЕПРЕЗЕНТАЦИЈА

Никој не пренесува Македонија–Шпанија: Инает, суета и незаинтересираност кај националните телевизии

Перо Антиќ, Лестер Бо Мекејлеб, Тоше Гечевски и останатите уште еднаш ја загубија битката со турските серии.

Пресметките на Мекејлеб и на Фернандез...

Македонските национални телевизии уште еднаш покажаа дека немаат почит кон резултатите на кошаркарската репрезентација, откако ниту една од нив не почувствува потреба да „брцне во џебот" и да ги обезбеди правата од вечерашната и од утрешната пријателска средба против актуелниот шампион на стариот континент, Шпанија, кои се играат на теренот на противникот.

Фактот што Перо Антиќ, Лестер Бо Мекејлеб, Тоше Гечевски и другите ќе ги одмерат силите со селекцијата што десетина години доминира во европската кошарка не беше доволна провокација за домашните ТВ-куќи да пробаат возбудувањата од Сантијаго и од Леон, градовите во кои се играат натпреварите, до огромниот број вљубеници во македонската кошарка и спорт воопшто.

И така, наместо да бидат сведоци на кошаркарска пресметка за гурмани, гледачите на програмите на најгледаните телевизии ќе може по кој знае кој пат да се уверат дека постојат „Ангели чувари“, да го видат „Наследството на госпоѓицата“, да проследат филм или, пак, да проследат решавање на уште едно злосторство во Лас Вегас. Сето ова предизвикува огромен револт кај голем дел од спортските следбеници, кои деновиве имаа огромен број негативни коментари на сметка на сите телевизии негодувајќи поради нивната незаинтересираност да го следат во чекор убедливо најдобриот спортски тим во нашата земја во моментов.

Дуелите на Македонија со Шпанија, сепак, ќе може да ги проследат и кај нас, но тоа ќе може да го направат оние технички најподготвените и тоа преку популарниот сателитски рисивер „Дримбокс“ со оглед на тоа што средбите ќе бидат директно пренесувани на шпанскиот канал „Теледепорте“. За оние другите, единствена можност да го видат настапот на хероите од Литванија е преку интернет-стримови на персоналните компјутери и лаптопи.

...односно на Самарџиски со Марк Гасол...

А зошто е тоа така вистински одговор немаат во ниту една од најгледаните телевизиски куќи кај нас. Изминатиот период најмногу на удар беше јавниот сервис на Македонската радио-телевизија, која, според сфаќањата на најголем дел од спортските вљубеници, е таа што треба да им ја овозможи привилегијата да го следат настапот на кошаркарите со оглед на тоа што станува збор за национален интерес.

Но од националната телевизија добивме интересен одговор на оваа тема

Со оглед на тоа што претстојното ЕП во кошарка ќе биде пренесувано на друга ТВ-куќа, македонската телевизија не почувствува потреба да се ангажира да дојде до правата за пренос од пријателските натпревари. Тоа е програмски неодржливо. Свесни сме дека имаме обврска кон гледачите како јавен сервис, но истата ја исполнуваме преку пренесување на други спортски содржини, кои во последно време се во голем број“, ни изјавите од МТВ

Втор на листата на критикуваните е ТВ Сител, куќата која ќе ги пренесува средбите на жолто-црвените од ЕП. Многумина сметаат дека таа била должна да ги обезбеди правата и за пријателските средби, како еден вид загревање пред спектаклот во Словенија. Но, „сителовци“ многу не се потресоа од негативните коментари во јавноста туку останаа доследни на досегашната политика да бидат со кошаркарите ама само на нивните официјални натпревари.

Средбите од ЕП ги нуди агенција со која ние преговаравме и постигнавме соработка. За пријателските средби, вклучувајќи ги двете со Шпанија, немаме добиено понуда од ниту една компанија што работи со телевизиски права поради што ги немаме вклучени овие натпревари во нашата програмска шема“, ни изјавија од ТВ Сител.

Заинтересираност за пријателските натпревари на Македонија што се играат во странство не покажа ниту Канал 5, долгогодишниот партнер на Македонската кошаркарска федерација (МКФ), на чија фреквенција можеше да се проследи неодамнешниот дуел со Литванија. Минатата година оваа телевизија успеа да ги изненади кошаркарските вљубеници со средбите на жолто-црвените со руската и со литванската селекција во пресрет на предолимпискиот турнир во Венецуела, но засега нема најава за сличен гест и од двомечот во Шпанија.

...не предизвикаа интерес кај националните телевизии кај нас

Некако најмалку критики одат на сметка на Алфа и на Телма, телевизии кои многу ретко биле поврзувани со домашни кошаркарски настани. Но, тоа не ги амнестира целосно овие ТВ-куќи од инертноста во обидот да се дојде до правата за пренос од Сантијаго односно Леон со оглед на тоа што станува збор за средби кои би имале голема гледаност и кои би можеле дури и финансиски да бидат профитабилни.

Сето ова се однесува на денешниот и утрешен дуел со Шпанија, но важи и за турнирот во Германија следниот викенд на кој ќе игра Македонија и тоа против една Грција, пресметка која секогаш предизвикува огромен интерес, како и против БиХ, еден од нашите противници во прелиминарната фаза од собирот во Словенија.

И на крајот еден куриозитет. Ако македонските телевизии немаат пари да обезбедат пренос од настапите на своите најдобри спортисти, за словенечките тоа не е проблем. Така, додека домашната јавност ќе се снаоѓа со гледање преку „Дримбокс“ или на Интернет, во Словенија кошаркарските вљубеници ќе можат удобно да седнат во своите фотелји и без никакви проблеми да го проследат двомечот на Македонија со Шпанија преку кабелската телевизија Спорт 1.

Игор Крстевски

(Реакција на колумната на Наум Кајчев, „За Гологанови и нашата заедничка историја“, 15 септември 2019, МКД.мк)

повеќе

Деликатна јазична авантура е ако се излезе од основното и утврдено значење на зборовите и се прејде во сферата на жаргонот и колоквијалноста.

повеќе

Плаќањето на вработените на час наместо месечно помага да се зголеми нивната плата со тоа што ќе се вреднува работното време поефикасно.

повеќе