Две децении кошаркарска репрезентација

Немаа подготовки, бојадисуваа патики, ама ништо не им пречеше зашто први играа за Македонија!

Имињата на Петар Наумоски, Јорданчо Давитков, Дејан Јовановски, Ѓорѓе Војновиќ, Игор Михајловски, Душко Боцевски, Перо Настев, Милан Медиќ, Перо Блажевски, Ѓорѓи Књазев, Милан Сотировски и на Николче Петрушев со златни букви ќе останат запишани во историјата на македонската кошарка.

Наумоски беше лидер на пионерскиот состав од Вроцлав

Тоа се првите што настапиле во светиот дрес со национални обележја пред нешто повеќе од 20 години во полскиот град Вроцлав. Токму овие 12 јунаци, предводени од селекторот Александар Књазев, кои настапија на дополнителните квалификации за пласман на Европското првенство (ЕП) во Германија во 1993 година, ќе бидат специјални гости на вечерашната пријателска средба на сегашната генерација репрезентатици на Македонија против поранешниот европски шампион Литванија (20 часот, сала „Борис Трајковски“).

Од нив почна една прекрасна приказна, која својата досегашна кулминација ја имаше пред две години на континенталниот собир одржан кај вечерашниот ривал, кога беше освоено историското четврто место.

А, пионерите од Вроцлав тешко дека кон крајот на мај и почетокот на јуни во далечната 1993 година воопшто и помислувале дека некогаш некоја селекција од нашата мала држава ќе може да се вивне така високо во европски рамки. Тие, тогаш имаа само една цел – да истрчаат на паркетот и да ја промовираат самостојна Македонија како нова членка во европското семејство на народи, која само неколку месеци претходно стана членка на Обединетите нации (ОН).

Давитков беше првиот капитен на репрезентацијата

Поканата за настап на дополнителните квалификации во Полска дојде изненадувачки бидејќи ФИБА-Европа речиси преку ноќ донесе одлука за зголемување на бројката земји-учеснички на ЕП 1993 од 12 на 16 поради напливот на нови, кошаркарски силни држави по распадот на СФР Југославија и на СССР. Македонија се најде во група со Хрватска, Естонија и со Романија каде што ги загубија сите три средби.

„Патувавме со автобус, не бевме добро организирани бидејќи поканата за учество дојде набрзина, па го собравме тоа што го имавме како квалитет, претежно кошаркари од МЗТ Скопје  и Работнички. Се соочувавме со многу проблеми, немавме опрема, но многу ни значеше што првпат се собравме како Македонија, што првпат се слушаше химната на едно такво големо натпреварување. Пред тоа како дел од Југославија немавме можност за такво нешто“, се присетува Књазец, кој ќе остане запаметен како прв македонски селектор.

Боцевски направи завидна интернационална кариера

Настапот за државната репрезентација беше новост за најголемиот дел кошаркари, меѓу кои најголем дел беа речиси на почетокот од кариерата, секако со исклучот на Наумоски, Давитков, Настев и Медиќ, кои важеа за најискусни. Отсуството од големите натпреварувања беше причина дури и за непознавање на основните правила.

„Кога тргнавме никој не знаеше дека во ФИБА во тоа време важеше правило дека сите играчи треба да имаат патики во иста боја, а ние сите си носевме свои спортски обувки, бидејќи федерацијата во тоа време немаше многу пари, и тоа дел бели дел црни. Јас бев во малцинството поради што морав да ги бојадисувам патиките пред првиот меч со Естонија. Тоа е искуство што се памети цел живот. Исто како и дуелот со џинот Георги Мурешан во вториот меч со Романија. Тоа за мене беше нешто ново, дотогаш невидено, што и тоа како ми помогна да станам подобар кошаркар“, вели центарот Боцевски.

Блажевски ќе остане запишан како стрелец на првиот кош за Македонија

Историјата ќе запише дека прв капитен бил Давитков, а стрелец на првиот кош – доскорешниот член на Кожув, Блажевски, кој дури летово реши да стави крај на играчата кариера, последен од генерацијата што играше во Вроцлав.

„Навистина, без оглед на тоа што сум постигнал многу важни поени, сè уште ја паметам цела таа акција во која реализирав на мечот со Естонија во Вроцлав. Но, за жал, ете не успеавме да победиме тогаш. Но, како и да е, тоа останува дел од историјата“, вели Блажевски.

Играше во странство, а се проба и како директор на Работнички: Јовановски во дуел со Маерс

За големината на пионерскиот состав на Македонија од пред две децении говори фактот што речиси сите од нив потоа направија завидна кариера. Дел од нив интернационална, дел од нив беа лидери на најдобрите домашни екипи, а некои од нив сега можат да се пофалат со тренерски успеси или највисоки функции во кошарката.

За Наумоски не треба да се трошат зборови, тој и во тоа време беше, а потоа само продолжи да биде европска величина. Боцевски исто така направи завидна интернационална кариера, а во странство се пробаа и Јовановски, Михајловски, Блажевски и Књазев. Давитков освои еден куп титули со Работнички и Никол Ферт и како играч, но и како тренер, а изминативе пет години важи за еден од најдобрите стратези во земјите на Блискиот Исток.

Ѓорѓи Књазев на меч против Италија Војновиќ може да се пофали со завидни улоги во Работнички и МЗТ, но и со функцијата генерален секретар на МКФ, како и со улогата на бинзисмен на раководни функции во големи компанија, кои најчесто поради него стануваат и сериозни донатори во македонската кошарка. Јовановски се проба и како директор на Работнички, Михајловски како селектор во младинските категории, Настев исто така работи со помладите кошаркари и тоа подолг период надвор од Македонија додека само Сотировски, Петрушев и Медиќ во моментов не се директно поврзани со играта со портокаловата топка.

 Игор Крстевски

Македонија треба да започне со процесот на усвојување модел за правно признавање на родот со почитување на фундаменталните права и правото на личен и телесен интегритет на транс луѓето.

повеќе

Парадоксалните судски процеси во државава, сами по себе родија парадокс.

повеќе

Следејќи ги слепо своите геостратешки планови, можно е американските геостратези и во Македонија да направија уште една грешка, во низата грешки во последните две декади.

повеќе