Првото македонско дерби во АБА2 лигата му припадна на МЗТ Скопје, вечерва во „балонот’ во Осиек, „штрковите“ го совладаа Пелистер со 80:64.
Пелистер подобро го отвори натпреварот и со серија од 0-7 направи опиплива предност од 10-19, „зелено-белите“ од Битола првата четвртина ја добија со 18:26.
На стартот од вториот дел, Пелистер постигна три бода за двоцифрена предност и +11, но избраниците на Илиевски застанаа тука, и речиси шест минути не реализираа. МЗТ Скопје ја искористи кризата на противникот, го наполни протиничкиот кош, направи серија од 20-0, и поведоа со 38:29. До крајот на полувремето, предноста на „штрковите“ изнесуваше 51:38.
Во третата четвртина силите на теренот беа изедначени, за МЗТ Скопје рутински да ги одработи последните 10 минути и да слави со 80:64.
Немања Милошевиќ беше убедливо најдобар поединец на паркетот со 29 поени и 6 скока, во редовите на МЗТ Скопје двоцифрен учинок имаа и Дастин Вер со 13 поени, Бојан Крстевски со 12 поени и Хуан Дејвис со 11 поени.
Никола Малешевиќ и Игор Кесар со по 15 поени беа најефикасни во редовите на Пелистер.