Откако сезоната и официјално заврши без шампион

МЗТ Скопје: За нас Антиќ веќе не постои, титулата ќе ја бараме на суд!

МЗТ Скопје жестоко реагираше откако КФСМ и официјално ја потврди одлуката сезоната да заврши без прогласување на шампион. 

Кошаркарската федерација на Македонија денеска потврди дека првенството завршува без прогласување на шампион.
 
„По доставениот предлог до членовите на Управниот Одбор и по спроведеното гласање од нивна страна, Управниот Одбор на Кошаркарската Федерација на Северна Македонија со убедливо мнозинство донесе одлука за завршување на Првата лига во машка сениорска конкуренција, да не се прогласи шампион за оваа натпреварувачка сезона, да нема испаѓање во понизок ранг на натпреварување и две екипи од Втората лига мажи да се промовираат во Првата лига за натпреварувачка сезона 2020/2021“, стои во соопштението на КФСМ.
 
МЗТ Скопје цело време силно се спротивставуваше на оваа одлука, па по денешното официјално соопштение на КФСМ тие жестоко реагираа велејќи дека за нив Антиќ и неговите соработници веќе не постојат, а тие правдата ќе ја бараат на суд.
 
Перо Антиќ ќе имаше уште поуспешна кариера, само да беше така упорен, ангажиран и фокусиран на паркетот како што беше изминативе 40-тина дена во битката за остварување на сопствената и желбата на коалициските партнери да го остави МЗТ Скопје без валидација на трудот и резултатите остварени на паркетот во периодот од август 2019 до средината на март 2020 година.
 
Одлуката за поништување на сезоната без да се прогласи шампион не нѐ изненади, знаејќи под какви притисоци и закани беа прво клубовите, а потоа и членовите на Управниот одбор, кои мораа по неколку пати да се изјаснуваат само за да го изгласаат тоа што го посакуваше Антиќ со своите „партнери“. Одборниците беа ставени пред свршен чин, да гласаат само за еден предлог, наметнат со претходно сомнително гласање на кое беше прогласена победа со само 40% од гласовите на присутните, а меѓу кои имаше и луѓе кои немаат било каква формална конекција со клубовите кои ги претставуваа. На членовите на УО им благодариме на првичната поддршка со 13 од 16 можни гласа и за реалното размислување, кога од нив беше барано слободно да дадат мислење, а не само да гласаат за наметнато решение. Само се надеваме дека и тие сфатија со кого соработуваат, поради што очекуваме во најбрзо време и нивни оставки како морален чин поради деспотскиот однос на првиот меѓу еднаквите во нивното друштво.
 
За МЗТ Скопје Аеродром борбата против деспотизмот на Антиќ не завршува со оваа негова одлука. Нашето барање за вреднување на тоа што се случуваше на паркетот, во ситуација кога не по наша вина дојде до една ваква уникатна ситуација и прекин, ќе го пренасочиме кон судските инстанци. Ќе побараме надлежните органи да ја прочешлаат работата на КФМ, да се види дали имало злоупотреба на должноста, дозвола за гласање на невалидни лица и многу други небулози и сомнителни работи за кои знаеме или сме слушнале. Ако треба, во договор со нашиот адвокатски тим, ќе поднесеме и кривични пријави, со цел правдината да излезе на виделина, особено во делот како пласманот во Првата лига е поништен, а пласманот во Втората лига е валиден, што само по себе е небулозно и правно неиздржано.
 
Истовремено, ќе побараме да ни се вратат сите пари кои сме ги платиле на сметката на КФМ за сезоната 2019/20, која, според одлуката на Куќата на кошарката, како и да не се одиграла. Тоа се однесува на котизација, казните, парите за лиценци на странските кошаркари и сите останати давачки. Ако нешто не постоело, тогаш не гледаме зошто би плаќале за тоа. Истовремено, ги охрабруваме сите останати клубови да ни се приклучат кон ова барање, бидејќи и тие се оштетени со поништувањето, кое им го брише целиот вложен труд и остварени успеси и победи, без разлика на пласманот на табелата.
 
Од денеска, Перо Антиќ и неговите соработници повеќе не постојат за МЗТ Скопје Аеродром. Тие дојдоа на власт со мотото „спортот на спортистите“, но сѐ што направија досега е заштита на сопствените и на интересите на малата група која е собрана околу нив, а со која ги врзуваат не само спортски конекции. Ова е само загубена битка, но - војната продолжува, во која „противникот“ има повеќе да загуби, бидејќи ние сме тие што создаваме играчи, а КФМ е само организатор на првенства со наши пари.
 
И ќе војуваме сѐ додека КФМ и нејзиниот претседател не престане да биде за едни мајка, а за други маќеа. Сѐ додека Антиќ и другарите не почнат да работат во интерес на сите, а не само за своето бизнис-лоби. Сѐ додека не победи кошарката“, се вели во соопштението на МЗТ Скопје.
 
Фото: МЗТ Скопје

Она она што го нудат медиумите во времето на ковид-19 покажа колку тие не се подготвени за да известуваат во време на криза, а кризите ги има сè почесто.

повеќе

Доколку нешто радикално не се промени, не можеме да очекуваме дека нашата економија брзо ќе се нормализира и ќе излезе од сегашната криза.

повеќе

Како да разликуваш дали „Македонец” означува етничка припадност или државјанство? Според потребата на моментот!

повеќе