Гневни на одлуката да не бидат прогласени за шампиони

МЗТ Скопје размислува да не игра во Првата лига следната сезона

МЗТ Скопје е гневен на одлуката да не биде прогласен за шампион на прекинатата сезона поради коронавирусот и се заканува дека можеби нема да настапи следната сезона во Првата лига.

„Новонастанатата ситуација во македонската кошарка и пред сѐ односот кои челниците на Кошаркарската федерација на Македонија (КФМ) заедно со нивните „коалициски партнери“ го покажаа кон нашиот клуб, се причините поради кои управата на МЗТ Скопје Аеродром на еден од следните состаноци сериозно ќе ја разгледа можноста за отстапување од Првата лига и играње само во регионалната АБА и во Лигата на шампионите на ФИБА.

Ова сега веќе не е само дебата околу тоа дали спортските резултати остварени на паркетот до прекинот поради пандемијата треба да бидат валидни или сезоната едноставно да се поништи како да не била, туку оркестриран напад на Перо Антиќ и „партнерите“ (за што сведочат нивните заеднички и речиси истовремени објави на социјалните мрежи) врз клубот со најмногу репрезентативци, со седум титули во последните осум години и единствен македонски претставник во најсериозните европски натпреварувања во последната декада.

Во тој дух беше и вчерашниот „консултативен“ состанок на прволигашите по кој КФМ прогласи победа со само 40% од гласовите, иако нам ни ја спори титулата бидејќи биле одиграни „само“ 50% од натпреварите. Трите воздржани гласови се на клубови со ставови блиски до нашите, кои токму поради тоа беа изложени на притисоци и закани од типот „ќе видите што ќе биде ако гласате МЗТ да биде шампион“, па решија да апстинираат со напомена дека ова е одлука која не смее да ја носат клубовите, туку само Управниот одбор на КФМ и тоа без претходна сугестија во вид на еден предлог. А, „победничкиот“ глас во ситуацијава, надвор од коалциските сили, буквално е изнуден со формулацијата на самиот предлог, бидејќи во спротивно клубот ќе требаше сам себе да си се испадне од елитата.

МЗТ Скопје Аеродром има доверба во членовите на УО на КФМ, кои веќе еднаш го искажаа своето мислење околу начинот на кој треба да заврши првенство, а кој, според нашите информации, со 80% од гласовите бил за одлука за прекин на првенството со прогласување шампион и без испаѓање од лига. Веруваме во интегритетот и начин на размислување на „одборниците“, без разлика што од раководството на КФМ ќе ги „нападне“ со предлог кој сметаат дека мина бидејќи за него гласаа само четири од вкупно десет прволигаши.

Ние, воедно, сѐ уште сме на ставот кој го искажавме и на вчерашниот состанок на клубовите, дека сме подготвени да се вратиме на паркетот и да го доиграме првенството во формат кој ќе го одбере Куќата на кошарката и тоа само со македонски кошаркари, бидејќи е јасно дека странците нема да може да дојдат во државата. На федерацијата и на противниците е да решат дали го прифаќаат „фрлениот пешкир“ или остануваат доследни на ставот да го избришат сето тоа што се случи сезонава на паркетите ширум државата.

Не бараме ништо што е надвор од прифатените стандарди во (по)голем дел од европските држави и тоа не само во кошарката, но и нема да дозволиме лични интереси и меѓусебни коалицирања поради работи што немаа врска со спортот да му наштетат на МЗТ Скопје Аеродром. Одлуката за отстапување од домашното првенство сериозно ќе ја разгледаме во најскора иднина, а ако овој, но и другите уште пожестоки потези кои ги планираме, ѝ наштетат на македонската кошарка, виновници нема да бидеме ние, туку исклучиво раководството на КФМ и нивните коалициски партнери, со потезите инспирирани од лични анимозитети и интереси, а не од желба за развој на македонската кошарка“, се вели во соопштението на МЗТ Скопје.

Кога ќе заврши пандемијата, очекувајте државите да се вратат со поголема власт и поголем легитимитет.

повеќе

Откако не успеа во приказот на Мицкоски како екстензија на Груевски и на опозицијата како „анти-западна“, со изјавите неделава Заев покажува дека негов рецепт за изборна победа е само што помала излезност без учество на опозицијата.

повеќе