МЗТ Скопје и КФСМ влегоа во нова војна

МЗТ Скопје и Кошаркарската федерација на Македонија (КФСМ) повторно почнаа да се препукуваат преку соопштенија. Овој пат клубот од Аеродром побара Перо Антиќ да се угледа на Ракометната федерација на Македонија и да ги намали трошоците на клубовите, а од КФСМ го обвинија МЗТ Скопје за непочитување. 

Фото: МЗТ Скопје
МЗТ Скопје и КФСМ веќе подолго време не се во добри односи. Војната кулминираше откако Аеродромци не беа прогласени за шампиони, туку сезоната беше нулирана. 
 
Ракометната федерација на Македонија ги ослободи клубовите од давачки за котизација, со што им помогна со околу 6000 евра за следната сезона. МЗТ Скопје побара нешто слично да направи и Перо Антиќ, притоа искажувајќи го својот став и за целокупната работа на претседателот на КФСМ.
 
„Со голема доза на љубомора вчера ја проследивме информацијата што побуди голем интерес во спортската јавност дека раководството на Ракометната федерација на Македонија (РФМ) донела одлука за помош на клубовите во износ кој нема да биде помал од 6.000-7.000 евра месечно.
 
Првиот човек на македонскиот ракомет и неговите соработници решија да ги ослободат суперлигашите од плаќањето котизација, но и од плаќањето тестови за Ковид-19, кои во престојната сезона ќе ги има многу, што дефинитивно ќе им го олесни функционирањето. Во тој момент ни беше премногу криво што во кошарката немаме предводник од калибарот на Живко Мукаетов, кој постојано мисли на тоа како да им биде од помош на клубовите, без да фаќа страни и да формира непринципиелни коалици.
 
Наместо тоа, ние го имаме Перо Антиќ, кој шест месеци, од прекинот на првенството поради пандемијата со коронавирусот, воопшто и не помислил да направи нешто што би им помогнало на клубовите поради кои КФМ воопшто и постои. Освен што успеа да ги задоволи „ниските страсти“ на своите коалициски партнери и му ја „украде“ титулата на МЗТ Скопје Аеродром, за што вложи несекојдневен напор, бесконечни и нестатутарни гласања, сѐ додека не си го истера своето.
 
Тоа е единствениот „успешен“ проект на Перо Антиќ во неговиот мандат, кој влегува во втората година, а кој ќе се памети само по неуспеси. Септември дојде, а конкретни најави за начинот на кој ќе почне првенството нема, ниту, пак, некој во КФМ се труди да го направи тоа. Собранието беше одложено и сѐ уште не е одржано, иако поминаа скоро 16 месеци од претходното. Никој не ја знае финансиската слика, ниту каде се потрошени парите, како и за тоа колкав ќе биде буџетот за годината која веќе влегува во втората половина . Пандемијата се користи како изговор да не се работи ништо, иако во меѓувреме сите други федерации функционираат најнормално. Дури и Фудбалската федерација со повеќекратно повеќе членови одржа Собрание без никакви проблеми, но Антиќ сѐ уште се плаши од тоа. Дали од Ковид-19 или од соочување со разочарувањата кај клубовите, знае само тој самиот.
 
Господине Антиќ, без разлика на сѐ што досега (не) направивте, барем сега соберете сили и следете го примерот на РФМ. Како што од збор до збор им го препишавте протоколот за тренирање, така препишете им ја и оваа одлука. Парите што летово не ги потрошивте на репрезентативните селекции, пренамените ги за помош на клубовите. Тие се вашата база. Без нив ниту вие ниту КФМ ќе постои. Укинете ја котизацијата, најдете начин да „елиминирате“ и други трошоци кои прволигашите сигурно ќе ги имаат, меѓу што сигурно се и тестовите за коронавирусот.
 
Барем сега покажете дека ги сакате сите клубови еднакво и почнете да работите во интерес на сите, а не само на пријателите со кои го минувате и слободното време и на кои веќе им ја остваривте најголемата желба – МЗТ Скопје Аеродром да не биде шампион“, се вели во соопштението на МЗТ Скопје.
 
Од КФСМ не се воздржаа на ова соопштение на МЗТ Скопје, па брзо стокмија подолг одговор за тимот од Аеродром.
 
Можеме само да констатираме дека, МЗТ Скопје Аеродром ќе беше доста поинформиран во врска со ситуацијата, со плановите на федерацијата со начинот на реализација околу организирањето на првенствата, доколку некој од нив најдеше време, доколку имаа доблест и дојдоа на состанокот на кој се појавија сите други клубови, освен МЗТ Скопје Аеродром.
 
Со нивното однесувања претставија едно големо непочитување кон федерацијата и особено спрема клубовите, нешто што не доликува на еден голем клуб како МЗТ Скопје Аеродром.
 
Влегување во лични и суетни пресметки, поединечно со клубовите, како и со федерацијата, не е начин на изнаоѓање на решение за унапредување на спортот.
 
Доколку претставник на трофејниот клуб се појавеше на состанокот, ќе беа информирани за сите заеднички договарања на федерацијата со клубовите членови на Првата лига.
 
Освен тоа, зачудува фактот дека МЗТ Скопје Аеродром како клуб кој има добиено најголем вредносен ваучер од страна на државата, односно средства кои се приближно на оние кои што ги има добиено федерацијата, се почувствувал потценет, односно загрижен за својата финансиска иднина, што во тој случај треба да кажат другите клубови?
 
Изгледа забораваат, намерно или не, дека другите клубови кои добија значително помали средства, си го пронајдоа својот пат за функционирање во услови на криза која ја донесе пандемијата предизвикана од КОВИД-19.
 
Доста често од МЗТ Скопје Аеродром ги споменуваат термините федерација, шампион, титула...
 
Ние неколку пати повторивме дека титулата се освојува на терен. И тоа дека федерацијата не е таа која го доделува пехарот, односно шампионската титула.
 
Клубовите, на заеднички состанок, го кажаа својот збор, за нас-важечки!
 
Всушност, долго време се прашувавме што е поентата на „освојување на титула“, бидејќи клубот ги има сите привилегии кои со себе ги носи освоеното прво место во државниот шампионат.
 
Да не се повторуваме, на крајот, дали  поважно од тоа е делот од договорите кои нивниот менаџерски тим ги има склучено со клубот, а во кои можеби многу важна ставка е токму тоа - шампионска титула. Големи бонуси кои би ги добиле при освојување на пехарот наменет за најдобрата екипа во државата.
 
Односно да се чувствуваат како злоупотребени од страна на федерацијата затоа што не ги добиле тие, не баш мали, средства од договорот со клубот.
 
Велат дека се грижат за своите играчи... Тогаш како во период на криза, играчите коишто се репрезентативци на Македонија, останаа недоисплатени од нивна страна, а менаџерските плати се реализирани до последен денар?!
 
Стигнаа да се испофалат во јавноста дека се откажале од државните пари, од средствата кои државата ги намени за оние кризни месеци, а од друга страна, си ги наплатија личните доходи, и оној „минималец“ за тренерите во нивните младински категории?!
 
И навистина не е добро што, клуб кој е предводник во македонската кошарка, и треба да им помогне на оние другите, на условно кажано помалите, сега излегува и бара помош, а сите останати, патем кажано, со доста помали ваучери добиени од државата, ги реализираат своите планирани активности.
 
МЗТ Скопје Аеродром како голем клуб, заслужува и исти такви луѓе-предводници, кои не лечат лични фрустрации, не се таму за задоволување на некои лични ега и суети, токму преку клубот.
 
Искрено се надеваме дека во иднина, МЗТ Скопје Аеродром ќе партиципира многу повеќе во активностите и на клубовите и на федерацијата. И пред сè, да биде повеќе информиран во врска со тоа, а не за истото да прашува преку посредници што се случува во кошаркарскиот спорт во нашата земја.
 
Дека ќе престанат да се занимаваат со разно-разни шпекулации, да бидат „жолт печат“ преку своето „средство за информирање“.
 
Дека ќе се сконцентрираат на работи кои и носат добро на кошарката во Македонија.
 
Дека вратите во федерацијата се секогаш отворени за сите клубови, и дека федерацијата работи, тука е за секого, за сите оние добри луѓе, што всушност го докажува и фактот дека има одлична соработка со сите клубови.
 
И дека токму на МЗТ Скопје Аеродром му прилега да се сконцентрира „долу“, на теренот. Да игра кошарка, а не да ги полни социјалните мрежи, и порталите со вакви свои писанија.
 
Нашата федерација се грижи за работата на клубовите, и за таа цел во наредниот период ќе бидат организирани низа на средби и состаноци на кои ќе бидат презентирани мерки кои што се веќе изготвени, и кои што ќе бидат презентирани пред клубовите и заеднички усвоени.
 
И очекуваме дека на тие состаноци МЗТ Скопје Аеродром ќе најде доблест, ќе биде присутен, со свои конструктивни предлози и сугестии, на вистински начин да помогне во изнаоѓање на вистински решенија, и дека ќе ја напушти својата претходна пракса на отсутност на состаноците“, се вели во соопштението на КФСМ.

Легенда под Главна слика

Фото: МЗТ Скопје

На светов има доволно место и за доктори и за антиваксери, и за научници и инженери, како и за рамноземјани и антимаскери, за уметници и фантазери.

повеќе

Во Законот кој е предложен воопшто не се цели на попишување на реалната состојба на терен, туку се цели на попишување на сите возможни граѓани заради задоволување на политички цели.

повеќе

Веќе е јасно дека светот никогаш нема да биде ист по завршувањето на пандемијата и дека последиците ќе креираат нови образовни можности.

повеќе