Претседателски избори во МКФ

Ќе добие ли македонската кошарка шанса за преродба или ќе остане под власта на Пеце?

Утре, 15 мај, е ден за изборното собрание во Кошаркарската федерација на Македонија. Перо Антиќ ја има поддршката од јавноста, но неизвесно е дали ќе успее да го стане Пеце Наумоски од фотелјата што тешко се напушта.

Македонската кошарка утре може да сврти нов лист, а дали тоа ќе се случи зависи од исходот на изборното собрание на МКФ. Официјални кандидати за претседателската функција се Перо Антиќ и Владимир Темелковски, но присутна е и можноста Пеце Наумоски, кој е исклучително таинствен во предизборниот период, да сака да остане на чело на Федерацијата. Тој првично најави повлекување, а потоа и можност за премислување.

Перо Антиќ ја презентираше предизборната програма, ја кажа својата визија за македонската кошарка и ја доби поддршката од јавноста и од спортските работници. Но за да се стане претседател, треба да се освои гласот на оние што одлучуваат. Тоа е и најтешкиот дел од уривањето на власта во секоја спортска федерација поради влијанието што го има секој актуелен претседател.

Ништо не е поинакво ни овојпат, кошаркарската јавност е наклонета кон Перо Антиќ, но многу поважно од тоа е лобирањето за гласови, а Пеце Наумоски досега успешно го правеше тоа и победуваше во секој обид да биде срушен.

На нашата кошарка ѝ е потребна свежина, потребни се промени за да се врати достоинството на овој спорт во Македонија, кое веќе одамна го нема, ниту во репрезентативната, ниту во клупската кошарка.

Досегашното владеење на Наумоски не ги помести работите напред. Во репрезентативната кошарка дојдовме до дното, игравме две фази на претквалификации за потоа пласманот во квалификациите да го прославиме како успех. А сè почна од една од првите одлуки на Пеце по стапувањето на функцијата, без никакво алиби да му даде отказ на Александар Џикиќ, кој беше сосема солиден селектор. Се наруши хемијата во репрезентацијата градена претходно, а МКФ мака мачеше да ги натера дел од кошаркарите да играат за Македонија. Проба и со сила, со закани за суспензии, но не одеше.

Клупската кошарка е рамо до рамо со репрезентативната, на дното, што ја прави целосна сликата за овој спорт во моментов. Веќе немаме претставник ниту во првата АБА лига, а настапот во посериозните европски купови е научна фантастика. На домашната сцена веќе одамна е присутна поделба на клубовите, правилата за едни важат, за други или не важат или стапуваат во сила дури откако ќе се направи притисок од оштетените. Квалитетот на кошарката е многу далеку од она романтично минато за кое зборуваат постарите генерации.

Дали македонската кошарка утре ќе добие нова шанса за преродба или ќе продолжи да се движи во истата линија, останува да видиме. Но нивото на кое е таа сега е далеку од тоа на кое сите сакаме да биде.
 
Ристе Ѓорѓиевски

Во изминатите 24 години откако Македонија и САД воспоставија официјални дипломатски односи, македонско-американските трговски врски растат бавно, но сигурно.

повеќе

Оваа појава почнува да претставува сериозна закана за учениците, но и грижа за родителите и наставниците.

повеќе

Пробацијата претставува клучна новина во реформата на нашиот пенитенцијарен и казненоправен систем и приоритетна цел на владината политика.

повеќе