Промена на кормилото на вицешампионот

Кадија е минато, Љупчо Малинков е новиот тренер на Фени И.

Црногорскиот стратег Миодраг Кадија повеќе не е предводник на актуелниот кошаркарски вицешампион Фени индустри откако управата на клубот реши да му заблагодари на досегашната соработка и на негово место да го постави долгогодишниот помошник, Љупчо Малинков.

Кадија на претставувањето по доаѓањето во Фени И.

Главна причина за раскинувањето на договорот со тренерот што требаше да му донесе дополнителен квалитет на кавадаречкиот тим по заминувањето на Емил Рајковиќ на полусезоната беше серијата лоши резултати односно четирите порази во последните пет меча (три во Суперлигата и еден во Купот на Македонија).

Фени И. последниве пет-шест години е во врвот на македонската кошарка и челниците на клубот не се научени подолг период да се без победа поради што како жртва е принесен доскорешниот тренер, кој некако не успеа да направи добра атмосфера внатре во тимот. Кадија го предводеше вицешампионот на 12 средби со скор 7-5 што не ги задоволи вкусовите на пребирливите кавадаречки љубители на кошарката како и луѓето што даваат не баш малку пари во клупскиот буџет.

Малинков (лево) при прославата на една од шампионските титули на Фени И.

Наследникот на Црногорецот беше најден експресно и тоа во самиот клуб. Малинков е дел од стручниот штаб на Фени И. уште од самиот почеток на проектот, работеше со Рајковиќ и сега со Кадија и одлично ги познава можностите на играчите. Тоа значи дека ќе нема потреба од некој период на прилагодување што е од исклучителна важност бидејќи пред Фени И. е пеколен период во кој ќе се игра среда-сабота се до крајот на шампионатот.

Пресреќен сум што управата на клубот реши да ми даде шанса да го предводам тимот на Фени И. Долго време сум тука, одлично ја познавам состојбата во екипата и можностите на играчите и сигурен сум дека лесно ќе ја минеме оваа трансформација. Се договоривме да ја имам улогата на прв тренер до крајот на сезоната, а потоа дополнително ќе преговараме во зависност од остварениот резултат. Ќе сториме се за да бидеме втори или трети на крајот од Суперлигата со што би го избегнале МЗТ Скопје во полуфиналето од плејофот. Ќе работиме напорни па ќе видиме што ќе излезе од сето тоа.“, изјави Малинков за МКД.МК.

Своето официјално деби како предводник на кавадаречкиот прволигаш Малинков ќе го има в среда кога актуелниот вицешампион ќе му гостува на Куманово. Фени И. во моментов е четвртопласиран на суперлигашката табела со скор 2-3 и тоа зад МЗТ Скопје (5-0), Работнички и Кожув (двата тима имаат учинок 3-2).

И.К.

Македонија треба да започне со процесот на усвојување модел за правно признавање на родот со почитување на фундаменталните права и правото на личен и телесен интегритет на транс луѓето.

повеќе

Парадоксалните судски процеси во државава, сами по себе родија парадокс.

повеќе

Следејќи ги слепо своите геостратешки планови, можно е американските геостратези и во Македонија да направија уште една грешка, во низата грешки во последните две декади.

повеќе