Еден од најголемите македонски кошаркарски таленти

Андреј Митревски: Сонот ми се Евролига или НБА, мое е да работам напорно и да живеам спортски

Младиот македонски кошаркар Андреј Митревски треба да биде лидерот на Македонија У16 на Европското првенство во Италија. Со 15 години, тој е еден од нашите најголеми таленти, кои треба да донесат посветли денови за овој спорт.

Минатата година Македонија У16 го освои бронзениот медал на ЕП Б-дивизија, кое се играше во Сараево. Таквиот голем успех значеше и промоција во А-дивизијата. Континенталниот собир на најдобрите селекции до 16 години ќе се одржи од 9 до 17 август во Удине, Италија. Нашата репрезентација до 16 години е само втората македонска кошаркарска селекција што ќе настапи на едно младинско европско првенство во А-дивизија.

Од селекцијата што го освои третото место во Сараево на Европското првенство во Удине ќе биде само Андреј Митревски, кошаркарот на Феникс 2010, кој е и капитен на Македонија У16. Поради неговиот талент, Андреј како помал беше земен на турнирот во БиХ, па сега со искуство повеќе ќе биде предводник на генерацијата што ќе ја има честа да игра против најдобрите репрезентации во Европа.

Иако има уште време до почетокот на Европското првенство, почнавте ли да се подготвувате за големиот настан? 

„Досега одигравме два турнири со репрезентациите на Србија, Израел, Црна Гора, Романија, Бугарија и Унгарија. Веројатно главните подготовки ќе почнат на крајот на јуни. Дотогаш со мојот клуб Феникс 2010 ќе учествуваме на традиционалниот Првомајски турнир за играчи У17 во Белград и потоа ни претстојат завршните натпревари во домашното првенство У16 и У18, каде што сè уште сме без пораз по 40 одиграни натпревари во двете категории“.

Како ги оценуваш по квалитет генерацијата со која го направивте успехот и оваа со која треба да настапите на Европското првенство во Удине?

„Ако ги споредуваме резултатите што двете генерации ги остварија на „Словенија Бол“, тогаш се надевам дека мојата генерација ќе ги оправда очекувањата на идното Европско првенство У16 во Удине“.

Во група сме со Шпанија, Израел и Летонија. Со каква амбиција ќе влезе Македонија на Европското првенство? Имате ли некоја поставена цел?

„Бидејќи селекторот Денис Дервишевиќ ми е и тренер во мојот клуб Феникс 2010, сигурен сум дека ќе имаме пеколни подготовки ова лето. Веројатно ако добро играме на подготвителните турнири, ќе растат и амбициите, или обратно. Но свесни сме дека сите ги кријат своите адути во подготвителните турнири. Затоа наше е само добро да ги одработиме подготовките“.

Ти си еден од лидерите на оваа репрезентација, го чувствуваш ли притисокот на таквата улога во пресрет на големиот настан?

„По толку многу одиграни финални натпревари во Ејбл-лигата, во младинските лиги на МКФ, минатогодишното Европско првенство во Сараево и годинешниов настап во втората сениорска лига, мислам дека не чувствувам притисок, туку голема одговорност, како и сите мои соиграчи што ќе настапат во Удине“.

На европските младински првенства вообичаено е и присуството на скаути од големите европски клубови. Го гледате ли настанот и како можност да влезете во бележникот на некој од нив?

„Да бидам искрен, по годинешново искуство во македонската Втора кошаркарска лига, повеќе би сакал да играм сениорска кошарка отколку само да тренирам и да играм во младинските екипи на некој голем европски клуб. Дури и претходните освојувачи на ЕП У16 и МВП, Муса и Пркачин, останаа во Цедевита и Цибона за да играат сениорска кошарка во националната и АБА лигата и не отидоа во големите европски клубови. Што е подобро ќе покаже времето. Минатата сезона одиграв околу 120 натпревари, а оваа сезона за седум месеци со клубот и репрезентацијата одиграв 75 натпревари“.

Каков играч си? Кога ќе се споредиш со некој од големите ѕвезди, каков стил на игра имаш?

„Се трудам напорно да работам и да се однесувам на теренот како нашиот капитен Војдан Стојановски. Се надевам дека и мојот стил на игра наликува на неговиот“.

Која е твојата амбиција во кариерата, крајниот дострел што сакаш да го постигнеш?

„Сонот на секој млад кошаркар е Евролига или НБА. Мое е да работам напорно и да водам спортски живот, а се надевам дека некој од нас ќе успее во тоа“.

Андреј беше дел од идеалната петорка на турнирот У16 во Србија што се одржа од 5 до 7 април, на кој покрај домаќинот и Македонија, учествуваа и Израел, Црна Гора, Романија, како и кошаркарите на Партизан и Петровград.

Ристе Ѓорѓиевски

Албанија и Северна Македонија уште ќе чекаат, една година откако блокот рече дека имаат шанси за разговори за членство, вели Политико.

повеќе

Ништо не ме научи повеќе за моите родители, а и за мене, од храната што тие ја обожаваа откако избегаа од Босна.

повеќе

Охрид, најголемиот и најпосетен туристички центар во Македонија, балканскиот Ерусалим и европскиот бисер, се менува со брзина на светлината.

повеќе