СЕЌАВАЊЕ

Живееше за фудбалот – Петар Милошевски (1973 – 2014)

Македонија загуби голем спортски работник, голем човек, голман. Петар Милошевски на 40 години се прости од животот, почина во сообраќајната несреќа оставајќи голема празнина во срцата на вистинските фанови на македонскиот фудбал. Со 59 настапи во националниот дрес, ги заслужи сите аплаузи за постигнатото на теренот кога станува збор за репрезентација.

Кариерата ја започна во Пелистер, во родниот град Битола, каде што беше активен крај голот три години, од 1994 до 1997. Потоа сосема очекувано направи трансфер во најтрофејниот од нашата земја, Вардар. Една сезона беше доволна за квалитетите на Милошевски да излезат на површина, по што следуваше ангажманот во Турција во екипата на Трабзонспор.

Таму одигра 60 натпревари и по две сезони премина во составот на Малатијаспор. Три години и 62 натпревари на голот на турскиот тим. Следниот трансфер го реализираше во 2004 година, кога потпиша за Ачабат Себатспор. По една година и 12 меча за овој тим, Милошевски ја напушта Турција и се сели во Кипар.

Во Енозис, Милошевски се задржува најдолго во својата кариера, седум сезони и 131 настап. По ангажманот во Кипар, нашиот легендарен голман се повлекува од активното играње фудбал во 2012 година, по што беше назначен за директор на фудбалските репрезентации на Македонија.

Работата во куќата на фудбалот му претставуваше огромна чест и задоволство. Во повеќе наврати во разговор со новинарите знаеше да потенцира дека развојот на нашиот домашен фудбал зависи од сите нас. Според него, напорната работа, посветеноста и љубовта кон најпопуларниот спорт во светот може да донесе посветли мигови во нашата земја, кога станува збор за репрезентациите, но и за домашните клубови.

Петар Милошевски ќе остане во нашите сеќавања како голем човек, кој имаше време за сите, и постојано се обидуваше да помогне во подобрувањето на условите за работа на фудбалерите во нашата репрезентација.

За жал, прерано замина, имаше уште многу да даде за спортот во Македонија, уште многу совети да им подели на идните голмани што во него гледаа пример за тоа како треба да се работи за да се успее во модерниот фудбал.

Петар Милошевски во својата кариера не успеа да направи трансфер во некој позвучен европски клуб, но со игрите што ги прикажа, пред сè во националниот тим, докажа дека станува збор за одличен голман, кој сега со чиста совест можеме да го наречеме легенда.

Милошевски почина по тешката сообраќајна несреќа што се случи вчеравечер додека се враќал кон Скопје.

фото: www.kumanovonews.com

                                                                                                                        Д.Н.

Освен тоа што муралите се моќно средство за комуникација, тие можат да бидат и предмет на манипулации, па и пропаганда, подигање тензии и продлабочување на недоразбирањата во БиХ.

повеќе

Процесот на донесување на буџетот ме потсетува на една изрека на поранешниот државен секретар на трезорот на САД, Џејкоб Лу (Jacob Lew) кој вели дека „Буџетот не е само колекција на бројки, туку израз на нашите вредности и аспирации“.

повеќе

Конески со голема дарба и со рационална мисла, создаде комуникативна поезија, создаде за македонските генерации образец на читлива литература.

повеќе