Од групна фаза во Лига Европа, до Втора лига во Македонија

Вардар стигна на врвот, па се струполи на дното, црни денови за македонскиот гигант

Најтрофејниот македонски фудбалски клуб, Вардар, од вчера е второлигаш, црвено-црните ќе треба да поминат барем една сезона во средина што не е природна за нив. Клубот што во 1986/87 беше шампион на Југославија, сега е во најлоша состојба од своето постоење, со долг од 3,5 милиони евра и неизвесна иднина.  

Не беше далеку, пред само четири години Вардар го направи најголемиот успех во својата историја, се пласира во групната фаза од Лига Европа, исполнувајќи го сонот на многу навивачи. Вардар имаше тим за почит, Велковски, Николов, Спировски, Барсегјан, Фелипе, Хамбарџумјан, Грнчаров... Црвено-црните му оддржаа лекција на големиот Фенербахче, не само во Скопје, туку и во Истанбул, и си обезбедија место на големата европска сцена.
 
 
Вардар дојде до успех по кој клубот можеше сам од себе да се одржува, нешто што треба да е цел на секој инвеститор, но наместо тоа, на површина исплива неспособноста на раководството, лошото менаџирање, кое почна да станува видливо и за оние што немаа можност да го видат клубот од внатре.
 
Наместо да профитира од трансфери на фудбалерите што се промовираа во Европа, Вардар почна да ги губи играчите бесплатно, за оние што успеа нешто да наплати, тоа беше прилив само на симболични суми во клупската каса. Милионската награда од УЕФА што ја донесе успехот во Лига Европа Самсоненко ја префрли за долговите што ги имаше во ракометниот клуб. Фудбалскиот клуб остана без пари и минусот почна да расте.
 
Падот почна да се најавува, долговите да се зголемуваат, но тимот предводен од Александар Васоски на теренот даваше повеќе од тоа што го добиваше од раководството. Како што одминуваше времето составот слабееше, во секој преоден рок си заминуваа играчи, но црвено-црните беа посилни од сите проблеми и минатата сезона ја освоија шампионската титула.
 
По тој трофеј следува најцрната сезона. Сергеј Самсоненко комплетно крена раце од Вардар, го остави клубот со долгови од 3,5 милиони евра, си заминаа сите поквалитетни играчи, си отиде и Васоски, гигантот остана со тим што немаше капацитет да им парира на прволигашките ривали.
 
 
Мизеријата на вардарци во последната полусезона отиде дотаму што првиот тим немаше терен за тренинг. Рускиот газда покажа дека никогаш не го ни сакал Вардар, неговата релација со клубот била минлива, само за бизнис и привремена слава. Кога на клубот најмногу му требаше, тој не само што не му помогна, туку им забрани на фудбалерите да тренираат на тренинг комплексот во Хиподром, кој го изгради тој. Секојдневно се бараа терени по скопските села.
 
Оние што вистински го сакаат клубот бараа начини како да помогнат. „Комитите“ го распродадоа целиот стадион со виртуелни билети, парите што ги собраа ги дадоа за плати на играчите и луѓето што до крај останаа во клубот. Беа гласни, бараа помош, бараа спас за Вардар од институциите и големите компании, но спас немаше. Нивните искрени напори не беа доволни да се спречи падот.
 
 
Поранешните Вардарови играчи како Грнчаров, Таневски, Глигоров и Ивановски заедно со тренерот Никола Илиевски Џиџи се обидоа да освојат бодови доволни за опстанок, но играчкиот кадар немаше квалитет за тоа. Момците што останаа го даваа максимумот, но можностите не беа на нивото на желбите. Клубот испадна во Втората лига.
 
Градоначалникот на Скопје, Петре Шилегов, одби да го земе клубот со долгови, според него сумата од 3,5 милиони евра создава пречка Вардар да ги добие и катарските газди, кои веќе извесен период се најавуваа. Но таа приказна уште не е затворена.
 
„Вардар е приватен клуб. Некој одлучил да го продаде, а не нашол механизам како да се покријат трошоците. Јас не можам да го земам клубот со долг од 3,5 милиони евра. Инвестицијата од Катар не е затворено прашање. Но за да се заокружи и тој процес, треба да добиеме гаранција за враќање на средствата од актуелното раководство“, беше последната изјава на Шилегов за состојбата во Вардар.
 
Вардар вторпат го допира своето дно. Првиот пат најде дупка во законот, направи неславна фузија со Миравци и наместо да игра во втората лига, остана во првата. Момент со кој не се гордеат мнозинството навивачи на Вардар, овој дел од историјата и денеска служи за потсмев од фановите на ривалите.
 
Но овој пат такво сценарио нема да има, Вардар треба гордо да одигра во втората лига и да се обиде експресно да се врати таму каде што припаѓа.
 
„Никој не може да го уништи ФК Вардар како бренд, верувајте, никој! Во овој клуб пораснав, овој клуб е мој втор дом и овој тим ме воспита гордо да стојам со крената глава и во победи и во порази. Затоа сите што го сакаат клубот треба да сфатат дека не смее да се случи некаква фузија и треба гордо да се игра во втората лига. Ќе се вратиме многу брзо посилни. Еден живот, еден клуб, една љубов, Вардар“, напиша на социјалните мрежи една од легендите на Вардар, Александар Бајевски.
 
Вардар е Вардар, ќе се врати на врвот, повторно ќе освојува трофеи, ќе бидат пишувани нови славни страници во историјата, неизвесно е само како и кој ќе го спаси, кој ќе му подаде рака, кој ќе го извлече од бунарот во кој е паднат сега и колку време ќе остане таму.
 
Р. Ѓ.

Либералната империјалистичка доктрина на Америка е одговорна за ужасниот масакр во места како Виетнам, Ирак и Централна Америка. Но Америка, исто така, произведе либерална антиимперијалистичка доктрина што останува затскриена во една ТВ-серија што ја восхитува американската публика уште од 1966 година.

повеќе

Граѓани, бегалци, мигранти, веќе не ни е важно – се чини дека никој не гледа светла иднина за себе во Албанија.

повеќе

Енергетската сиромаштија е значително поприсутна во централна, источна и југоисточна Европа, покажува последното истражување.

повеќе