Во натпревар со три поништени погодока, Интер славеше кај Сампдорија со гол во 94. минута. Наинголан погоди пред крајот на првиот дел, но по долго разгледување на снимките, ВАР го поништи голот бидеќи на зачетокот од акцијата Икарди бил во офсајд иако Аргентинецот немаше влијание врз акцијата.
ВАР потоа поништи уште еден гол на Интер, овој пат во вториот дел кога Асамоа прекрасно биеше од врвот на шеснаесетникот.
На спротивната страна и Дефрел ја затресе мрежата, но и неговиот гол не беше признат поради офсајд.
За драмата да биде до крај, Марсело Брозовиќ погоди длабоко во судиското надополнување. Хрватот добро се снајде по една нафрлена топка на Перишиќ и од косо биеше прецизно за 0-1.