Последниот натпревар за македонската репрезентација Горан Пандев го одигра против Холандија во Амстердам на Европското првенство.
Кога Пандев беше заменет во текот на второто полувреме, македонските фудбалери формираа шпалир и со аплауз го испратија. Аплаудираа сите на трибините и македонските и холандските навивачи и го скандираа неговото име.
Рафаел ван дер Варт беше дел од свечената ложа на трибините на стадионот и вели дека му се насолзиле очите од емоции.
„Мислам дека тоа беше одлично. Тој е како Јохан Кројф од Македонија. Морници ме полазаа, ми се насолзија очите. Мислам дека е убаво таквите големи фудбалери да добиваат такви испраќања“, рече Ван дер Варт.
Пред тој натпревар, капитенот на Холандија, Џеорџино Вајналдум на Пандев му подари холандски дрес со неговото име и со бројот 122, колку што одигра натпревари за македонската репрезентација. Тој гест зборува многу за почитта која Холанѓаните ја имаат кон нашиот фудбалер.