Филипе Кутињо по само 18 месеци го напушта Камп Ноу

Што доби Барселона со тоа што најскапото засилување во својата историја го испрати на позајмица?

„Каталонците" се откажаа од Филипе Кутињо по само 18 месеци, Бразилецот не е дел од плановите за новата сезона па беше испратен во Баерн Минхен и тоа на позајмица.

Во јануари 2018, Филипе Кутињо стана најскапото засилување во историјата на Барселона откако за неговите услуги на Ливерпул му беа платени 120 милиони евра, а беа ветени и додатни 40 милиони евра во најразлични бонуси.

Бразилецот добро ја започна авантурата на Камп Ноу, но минатата сезона одигра далеку под очекувањата и со месеци се најавуваше дека тој ќе замине. Купец тешко се наоѓаше поради неговата висока цена и голема плата, па Барса на крајот реши да го испрати на позајмица во Минхен.

Баерн ќе плати само 8,5 милиони евра за позајмицата, а ќе добие и опција во целост да го купи играчот за 120 милиони евра. Сепак, оваа опција не е обврзувачка па „баварците“ следното лето можат да го вратат играчот на Камп Ноу доколку сметаат дека трансферот им е прескап.

Па се поставува прашањето зошто „каталонците“ се решиле на една ваква зделка?

Барса може добива скромни 8,5 милиони евра за позајмицата, но затоа пак ќе заштеди речиси 50 милиони евра со тоа што Филипе Кутињо сезоната нема да ја помине на Камп Ноу.

На Ливерпул треба да му се исплатат додатни 20 милиони евра во случај тој да забележи 100 настапи во дресот на Барселона (до сега има 75 настапи), и оваа клаузула сигурно нема да биде активирана. На „црвените“ им се ветени и уште 5 милиони евра за триумф во Лигата на шампионите, па веројатно и овој бонус ќе падне во вода.

Баерн во целост ќе ги покрие примањата на Филипе Кутињо, за кои се верува дека изнесуваат околу 12 милиони евра нето, со што Барселона од својата сметка за плати ќе тргне бруто сума од околу 23 милиони евра.

Лидерите на Барселона исто така се надеваат дека Бразилецот ќе се врати во старата форма во Минхен, па и во случај Баерн да не загриза, ќе се појават други клубови кои ќе искешираат стотина милиони евра, со што тие ќе си ја вратат инвестицијата која ја направија во 2018.

Вината за недобивањето на датум за преговори треба да ја барате во вас и вашите соработници и коалициски партнери.

повеќе

Ајде од понеделник да се посветиме сериозно на „носење на Европа" во нашата држава.

повеќе

Улогите на „добар и лош полицаец“ ќе ги играат кон нас уште долго, доколку не сфатиме дека со итроманска политика не се може подалеку од Табановце до Богородица.

повеќе