Грузија во Скопје славеше со 3-0, ситуацијата во групата е таква да на Македонија и е потребно чудо за пласман на првото место. Тоа е победа од четири разлика во Тбилиси со што би биле подобри од Грузијците во меѓусебниот дуел.
Грузија има 10 бода, ние имаме седум, ако победиме ќе се изедначиме бодовно, но треба да го надополниме и тоа што го расипавме во Скопје, па се освен убедлива победа нема да ни ја донесе лидерската позиција.
И покрај таквата ситуација, Вили Сањол не сака неговите момци да се опуштат.
„Македонија е најсилниот тим во групата и не можам да кажам дали би бил среќен со победа или реми, но знам дека ќе бидам среќен ако завршиме на првото место во групата“, вели Сањол.
„Во јуни имавме неверојатни мечеви и очекувам да продолжиме така. Натпрварот со Македонија може да биде потежок и поразличен од тој во Скопје, па мора да исправиме некои грешки кои ги направивме тогаш во првото полувреме“.
За разлика од претходните мечеви со Македонија, Грузија сега има фудбалер со ѕвезден статус. Тој и тогаш играше, но сега го знае целиот свет. Квича Кваратсхелија покажува фантастични партии во дресот на Наполи.
„Среќен сум што го имаме Квича и мислам дека тој се уште не покажал сто проценти од својот потенцијал. Треба да работи уште понапорно за да дојде до својот максимум. И на мојот 21-годишен син не му велам дека е најдобар на светот. Со таков став никогаш не би направиле ништо. Пред една година Квича беше критикуван додека беше во Рубин, а сега се се смени на подобро. Тој се уште е млад“.