Нова најава за заминување на рускиот газда

Самсоненко крева раце од ФК Вардар!?

На 71. роденден на ФК Вардар доаѓа нова најава за заминување на Сергеј Самсоненко од клубот, овој пат се чини дека причината е најреална досега.

Спортскиот портал „Спорт 1“ денеска пласираше информација дека Сергеј Самсоненко го напушта ФК Вардар и клубот целосно или делумно ќе го врати на Град Скопје од кој и го презема. Разврската се очекува да се случи веќе во текот на наредната седмица.
 
Не е прв пат да се најавува заминување на Самсоненко од Вардар, но се чини дека овој пат има реална причина за такво нешто. Клубот има сериозни финансиски проблеми, наталожени долгови кон веќе поранешни фудбалери но и потешкотии да го одржува актуелниот состав кој изгледа неконкурентно за трофеи.
 
Самсоненко го презема Вардар на почетокот од 2014 година, инвестираше во тимот, имаше сериозни вложувања и во инфраструктурата, направи Фудбалска Академија, изгради тренинг центар, создаде идеални услови за функционирање на еден клуб од овие простори, но работите не се одвиваа како што посакуваше тој и навивачите.
 
Вардар минатото лето направи историски успех, се пласира во групната фаза од едно големо европско натпреварување, „црвено-црните“ прв пат во својата историја играа есенски мечеви во Европа. Но наместо да се искористи учеството во Лига Европа за да се искачи клубот на некое скалило погоре во својот развој, тој падна. Каков е Вардар денес најдобра импресија даде дуелот со Пјуник од првото квалификациско коло во Лига Европа, македонскиот тим во лоша игра загуби со вкупни 3-0 од сосема просечен тим.
 
Вината за падот на Вардар е на лошото раководење на клубот кое изгледаше аматерско во изминатата сезона. Многу од актуелните фудбалери кои требаше или да се задржат или да се наполни клупската каса од нивната продажба, си отидоа речиси бесплатно. Со наградата од учеството во Лига Европа и продажба на дел од играчите по вистинска пазарна цена, Вардар ќе можеше да се самоиздржува но почетничките грешки создаваа проблеми кои сега се јасно видливи.
 
Вина никој не преземаше иако раководството имаше и нелогични и смешни одлуки како онаа кога беше решено на неколку натпревари да се игра со младински тим поради несогласување со одлука на ФФМ да не се казни главниот ривал Шкендија.
 
Вардар оваа сезона брзо заврши со Европа, финансиите од УЕФА за настапот во квалификациите ќе бидат недоволни ниту да се покријат долговите, ниту да се купат фудбалери со кои тимот ќе и биде конкурентен на Шкендија за трофеите. Ситуацијата не му оди во прилог на Самсоненко, па веројатно Русинот овој пат навистина крева раце од фудбалскиот клуб. Работите се очекува да бидат комплетно јасни до почетокот на новата фудбалска сезона.
 
Ако Градот Скопје го добие повторно Вардар во свое сопствеништво, ќе треба да одлучи дали ќе го финансира од својот буџет и колкав би бил тој или повторно ќе го стави на продажба па „црвено-црните“ ќе добијат нов приватен сопственик.
 
Дека Сергеј Самсоненко го нема истиот ентузијазам и финансии од пред некоја година стои и фактот дека Русинот се откажа од женскиот ракометен клуб кој сега е сведен само на домашни ракометарки и без учество во Лигата на шампионите каде во изминатите сезони редовно беше дел од фајнл-фор турнирите.
 
Р. Ѓ.
 

Владите постојано ги повторуваат истите грешки. Тие го сметаат долгот како предност за долгорочен раст, наместо она што тој всушност е: тежок товар и извор на масивни долгорочни ризици.

повеќе

Гостиварскиот градоначалник од сограѓаните побара да бидат потолерантни кон однесувањето на печалбарите.

повеќе

Дента кога македонската делегација беше на пат за Нивици, Заев со себе требаше да понесе еден венец.

повеќе