ФК Вардар

Самсоненко го напушти ФК Вардар, клубот го враќа на град Скопје

Сергеј Самсоненко попладнево соопшти дека се повлекува и од ФК Вардар, бизнисменот од Русија повеќе нема да ги финансира „црвено-црните“ и клубот го враќа на град Скопје.

Во денови кога се чекаше абер дека Вардар ги подмирил долговите со цел да добие лиценца за настап во Европа, од таборот на „црвено-црните“ информираат дека сопственикот Сергеј Самсоненко се повлекува.
 
Бизнисменот од Русија ја информира јавноста дека повеќе не може да го финансира Вардар и клубот го враќа на град Скопје. Тој исто така порача дека превзема обврска за враќање на сите долгови, без притоа да наведе кога истите ќе бидат исполнети.
 
Вардар пред две години доживеа историски успех и настап во групната фаза од Лига Европа. Настапот во најмасовното европско натпреварување донесе неколку милиони евра во клупската каса, но наместо стабилна иднина, „црвено-црните“ влегоа во турбулентен период и голема финансиска криза. 
 
Соопштението на Сергеј Самсоненко ви го пренесуваме во целост:
 
Почитувани,
 
Со превземањето на АД ФК Вардар Скопје во 2014 започнавме со реализирање на визијата да изградиме респектабилен и успешен фудбалски клуб. Со вложување на значајни финансиски средства, огромен труд и енергија во изминатите 6 години се стремевме кон остварување на врвни спортски резултати.
 
Освоивме 3 титули во ПМФЛ и успеавме да се пласираме во Лига Европа во 2017 година , пласман кој ќе остане запаметен во спортската историја на државата. Пред нас беше и освојувањето на четвртата титула во домашното фудбалско првенство.
 
Но, наспроти нашиот труд и посветеност беа и потешкотиите за одржување на клубот од финансиски аспект со кои јас лично, секојдневно веќе втора година се соочувам.
 
Во неколку наврати ја информиравме и јавноста дека финансирањето на клубот претставува голем товар и дека истиот е многу тешко да се издржи бидејќи бев директно погоден финансиски со обидот за нелегално и криминално преземање на мојот објект во градба во центарот на Скопје кој требаше да биде главна финансиска поткрепа на спортските колективи.
 
Правната постапка за спорот е во тек, искрено се надевам и верувам во надлежните институции кои треба да ја докажат правдата и се надевам на позитивна разврска на целиот случај. Покрај тоа, дополнителни потешкотии во финансирањето се создадоа и поради пандемијата на Ковид – 19 од која сериозно е погоден целиот свет. 
 
Поради овие причини кои веќе се надвор од моја моќ и контрола не сум повеќе во можност да ги исполнувам финансиските обврски и со цел да ја заштитам иднината на еден од најголемите спортски брендови ФК Вардар принуден сум да го вратам овој клуб на Град Скопје.
 
Искрено верував во својата визија и во визијата на сите играчи на клубот, во сите тешки моменти не водеше љубовта кон спортот и желбата за постигнување на нови успеси. Заедно постигнавме многу, но за жал околностите се такви што јас морам принудно да се повлечам од оваа приказна. Воедно, ја информирам јавноста дека ги преземам сите веќе достасани обврски на клубот со цел да го отворам патот за новите, идни инвеститори кои искрено посакувам и се надевам дека ќе успеат во иднина да го задржат успешното функционирање и реномето на клубот кои ние го изградивме во изминативе години.
 
Спортски поздрав,
Сергеј Самсоненко

Кога ќе заврши пандемијата, очекувајте државите да се вратат со поголема власт и поголем легитимитет.

повеќе

Откако не успеа во приказот на Мицкоски како екстензија на Груевски и на опозицијата како „анти-западна“, со изјавите неделава Заев покажува дека негов рецепт за изборна победа е само што помала излезност без учество на опозицијата.

повеќе