По поразите од Удинезе во Серија А и Лудогорец во Лига Европа, Рома им се врати на победите откако славеше на гостувањето кај Емполи.
Резултатот го отвори Дибала со прекрасен гол во 17. минута од натпреварот. Претходно тој ја погоди и стативата.
Пред крајот на првиот дел, во 43. минута Бандинели даде гол за израмнување на 1-1. Со тој резултат се замина на одморот.
Во 71. минута Дибала асистираше до Абрахам кој постигна погодок за победа на Рома од 2-1. Иако тоа беше конечниот резултат, имаше уште возбудувања на мечот.
Шест минути подоцна можеше се да биде решено, Рома доби пенал, но Пелегрини шутираше во пречката.
Во 86. минута Акпа Акпро можеше да казни, но ја погоди стативата од голот на Руи Патрисио, а брзо потоа доби црвен картон по опасен старт врз Смолинг.
До крајот на мечот Емполи со сите сили се обидуваше да дојде до реми, а Рома имаше две големи шанси преку Бове и Белоти, но голманот Викарио ги одбрани и двата удари.
Рома со оваа победа се качи на петтата позиција со 13 бода колку што има и четвртиот Удинезе. На првите три места се Наполи, Аталанта и Милан со бод повеќе.