Нови насоки што треба да се санкционира а што не

Правилото за играње со рака кое ги излудуваше тренерите и напаѓачите повторно е променето

Интернационалниот борд на фудбалски асоцијации (ИФАБ) направи нова промена на правилото за играње со рака кое изминативе две сезони ги ислудуваше тренерите и напаѓачите, ненамерно играње со рака кое на соиграчот му креира шанса за гол повеќе нема да се санкционира.

ИФАБ во последните две години се обиде да го појасни правилото за играње со рака, па беа направени одредени промени и дадени нови насоки.

Но промените не беа само за судење пенали, туку и за признавање, односно поништување голови. Во сезоната 2019/20 се поништуваше секој гол доколку било кој играч додека се градела акцијата играл со рака, дури и ако тоа било ненамерно.

Ова ги излудуваше тренерите и напаѓачите па за сезоната 2020/21 следеше нова промена и олабавување. Се поништуваат само головите кои ќе паднат веднаш по играњето со рака (без разлика дали е ненамерно или намерно). Доколку по играњето со рака има неколку додавања или дриблинзи, погодокот ќе важи.

Но и со ваква промена оваа сезона имаше неколку ситуации кога на сите им е јасно дека правилото не држи вода и голот треба да биде признат, последната беше синоќа на дуелот помеѓу Фулам и Тотнем.

Санчез се обиде да избие, топката го удри Лемина во раката која беше залепена за телото, Маја прв стигна до одбиената топка и ја затресе мрежата на Тотнем за 1-1 но по прегледување на снимките, ВАР го поништи голот.

Па ИФАБ сега даде нови насоки кои ќе важат од следната сезона. Ненамерно играње со рака кое ќе донесе гол шанса или погодок за соиграч, во иднина нема да се санкционира.

На сила сепак ќе остане правилото според кое нема да може да се постигне гол со рака, дури и ако фудбалерот или голманот ненамерно играл, или пак доколку фудбалерот со ненамерно играње со рака сам си направил гол шанса и постигнал погодок.