СП 2022

Почнува најконтроверзното Светско првенство, Катар 2022

Денеска започнува Светското првенство во фудбал, Катар е домаќин на Мундијалот кој досега крена прав како ниту еден претходно. 

Од денеска па до 18 декември очите на светот ќе бидат вперени кон Катар, земјата која ќе биде домаќин на 22. Светско фудбалско првенство.
 
Од самиот избор во 2010 година, па досега, Светското првенство во Катар го следат контроверзи. Обвинувања за корупција, кршење на човекови права, смрт на илијадници работници кои ги градеа стадионите, лоши импровизирани услови за сместување на навивачи, проблеми на новинарите кои во живо го следат настанот, платени фанови... се дел од одликите на овој Мундијал до неговиот почеток.
 
Изборот Катар да биде домаќин на Светското првенство 2022 предизвика лавина реакции и сомнежи во чесноста на одлуката на ФИФА. Тоа е земја која нема никаква фудбалска традиција, немаше ниту стадиони, а времето на лето е пеколно жешко.
 
Во времето кое следуваше по изборот беше откриено дека Катар потрошил милијарди долари во поткуп на гласови за да го добие Мундијалот. 
 
 
Поранешниот претседател на ФИФА, Сеп Блатер кој беше на чело на фудбалот кога Катар ја доби организација, неодамна призна дека изборот бил лош.
 
„Тоа беше лош избор. И јас бев одговорен за тоа како претседател во тоа време“, рече Сеп Блатер чиј мандат во ФИФА заврши со скандал за поткуп.
 
Катар е најмалата земја домаќин на Светско првенство. Од 2010 па досега, тие требаа да изградат стадиони, хотели, автопати потребни за турнирот. За да го изградат сето тоа, катарските власти ангажираа мигранти работници кои макотрпно работеа за да се добие потребната инфраструктура.
 
Условите за работа и живот на мигрантите кои беа ангажирани како работници, честопати беа експлоататорски и опасни. Истрагата на Гардијан од 2021 година покажа дека повеќе од 6.500 работници мигранти од пет јужноазиски земји умреле во Катар од 2010 година. Причините биле разни, несреќни на работното место, сообраќајни несреќни, самоубиства и смртни случаи од други причини, вклучувајќи ја и жештината.
 
За разлика од сите независни истраги кои посочуваа на илијадници мртви работници во Катар, верзијата на властите во оваа земја е дека загинале само тројца.
 
 
Жештината во Катар во летниот период е неподнослива, многумина се прашуваа како ќе се играат натпреварите. Решението беше најдено во преместување на вообичаениот летен термин, па така Светското првенство во Катар е првото кое ќе се одржи во доцна есен, во среде фудбалска сезона.
 
Катар е обвинуван и за непочитување на човековите права, геј популацијата е непожелна на Светското првенство. Во едно интервју за германска телевизија катарскиот амбасадор за Светското првенство, ја опиша сексуалноста како болест, како оштетување на умот.
 
„Сите што ќе дојдат ќе бидат прифатени тука, но тие треба да ги прифатат нашите правила“, меѓудругото рече амбасадорот Калид Салман.
 
На два дена пред почетокот на Светското првенство, катарските власти решија наспроти договореното, да забранат пиво да се точи на стадионите и во фан зоните пред стадионите. Со што директно беше загрозен еден од главните спонзори на ФИФА, „Бадвајзер“ на кого му е дозволено да продава само безалкохолно пиво.
 
Во деновите пред почетокот на Мундијалот, во Катар беа видени многу организирани навивачки групи за селекции како Аргентина, Шпанија, Германија, Англија...но навивачите не се од овие земји, туку се Индијци и Пакистанци.
 
 
Наводно Катар им плаќал да навиваат за земјите учесници, 10 долари дневница, плус три оброци и сместување. Домаќинот на тој начин се обидува да ги пополни стадионите и да креира некоја вештачка навивачка атмосфера.
 
Дел од новинарите кои во живо го следат Светското првенство се пожалија на тотален хаос, непознавање на Катарците за нивните права при извршување на работата, одземни камери, попречување за снимање на линкови во живо и разни други препреки.
 
Катар потроши многу милијарди долари за да биде домаќин на Светското првенство и да се промовира во светот со најгледаниот глобален настан, но светлото во кое се прикажува досега е далеку од розево.
 
И покрај сите контроверзи и пропусти, се очекува натпреварите да бидат спектакуларни. Оние кои првенството ќе го следат пред малите екрани да уживаат во играта и борбата за најпрестижната фудбалска титула, Светски шампион.
 

Им благодарам на Русите како креатори, но посебно на бугарските послушни  извршители за пропагандата што ја водат против Македонија. Што направија?

повеќе

Деновиве адвокатот Тортевски во дебатна емисија рече дека немаме критична маса за држава. Не знам дали е така, но изгледа немаме критична маса за сериозни дебати и дијалози во општеството. 

повеќе

Светска банка проценува дека за секој долар инвестиран во здравството, државата има бенефит од 4 долари во смисла на зголемена економска продуктивност.

повеќе