Во интервјуто на Кристијано Роналдо, по кое беше раскинат договорот на Португалецот, напаѓачот имаше сериозни замерки за Манчестер јунајтед, односно како ништо не се променило во последните 13 години и „ѓаволите“ немале никаков прогрес.
Тој посочи дека Реал Мадрид и Јувентус ги следат последните технологии, и секогаш се обидуваат да имаат прогрес во условите за тренинг, исхрана и како да се рекуперира по натпреварите, а тоа не било случај со Манчестер јунајтед.
Сопствениците на клубот, семејството Глејзер се свесни дека треба да се инвестира во инфраструктурата, Олд Трафорд и засилување на составот, но очигледно не им се дава пари, па побарале совет од банките за продажба на клубот.
Неколку извори од Англија пренесуваат дека се разгледува опцијата за продажба на дел од акциите или пак целосна продажба на клубот, а како опција е и стратегиско партнерство со трета страна.
Доцна вечерва, Манчестер јунајтед со соопштение ги потврди написите и пренесе дека е започнат процес со кој ќе се гарантира растот во иднина.