Нов историски ден за македонскиот фудбал

Палермо тешко се освојува, но Македонија верува во чудо

Македонската фудбалска репрезентација вечерва со почеток од 20:45 часот гостува на Италија во Палермо во полуфинален бараж меч за пласман на Светското првенство во Катар. 

Историски ден за македонскиот фудбал, за првпат играме бараж за пласман на Светско првенство. Противникот на Македонија ни помалку, ни повеќе е актуелниот Европски шампион, Италија.
 
Задачата за избраниците на Благоја Милевски не можеше да биде потешка, но надежта е присутна, вербата дека можеме да изненадиме ја има и кај фудбалерите и кај навивачите, а има и зошто.
 
Македонија повеќе пати покажала дека може да игра со најсилните селекции, последното чудо го направивме во Германија кога ги победивме Германците на нивен терен. А оптимизам може да влеат и меѓусебните дуели со Италија. Во Скопје загубивме со 3-2 иако имавме водство од 2-1, а во Италија одигравме нерешено 1-1.
 
„Спремни сме и сите се подготвени. Не сме тука случајно и очекуваме да одиграме голем меч. Спремни сме и за продолженија. Нѐ чека одлучна атмосфера, а ние ќе се обидеме да се вратиме со добар резултат. Дилеми околу тимот немам, составот ми е познат, подготвени сме за секое сценарио. Го почитувам Манчини и неговата работа, тој е најзаслужен што Италија е европски првак, но секој си има свој план, така и Манчини, како и јас. Се надевам дека сме подготвени и физички да играме повеќе од деведесет минути. Последната моја порака утре ќе биде сите фудбалери да уживаат во натпреварот“, изјави нашиот селектор, Благоја Милевски.
 
Селекторот на Италија, Роберто Манчини предупредува дека нема да биде лесно против Македонија, тој потсетува на нашата победа против Германија во квалификациите.
 
„Јас не гледам фаворити, секој натпревар треба да се одигра на високо ниво, вкулувајќи ги и оние на кои одредени тимови се гледаат како фаворити на хартија. „Македонија игра одлично во одбраната, имаат одлична техника, да не заборавиме дека ја победија Германија во квалификациите, потребно ни е трпение, но натпреварот стартува од 0-0“, вели Манчини.
 
И Благоја Милевски и Роберто Манчини имаат отсутни фудбалери, ние нема да можеме да сметаме на нашиот најдобар фудбалер во моментов, Елиф Елмас кој има суспензија поради жолти картони, главните проблеми на Италијаните се во дефанзивата, не можат да сметаат на тандемот Бонучи-Кјелини, а им се повреди и Ди Лоренцо.
 
На голот кај Италијаните ќе биде Донарума, а во срцето на одбраната се очекува да бидат Манчини и Бастони иако не се отфрла можноста да игра и Кјелини кој штотуку се врати од повреда. На бековските позиции ќе бидат Флоренци и Емерсон. Во средниот ред нема дилеми, таму се Жоржињо, Верати и Барела, а напаѓачката тројка треба да биде Берарди, Инсиње и Имобиле.
 
Во составот на Македонија на голот ќе биде Димитриевски, одбраната ни е стандардна, Муслиу и Велковски се централни, а на бековските позиции ќе бидат Стефан Ристовски и Алиоски. Во средниот ред се очекува Милевски да ги игра Адеми, Николов и Барди, а офанзивата да ја сочинуваат Трајковски, Чурлинов и Милан Ристовски.
 
Стадионот „Ренцо Барбера“ во Палермо е тешко освоива тврдина, паднала само еднаш.
 
Италија неслучајно го избра Палермо за домаќин на мечот со Македонија, во овој град тие имаат одиграно 15 натпревари, загубиле само еднаш, а имаат дури 13 победи.
 
Единствена селекција која ги победила на „Ренцо Барбера“ е Хрватска во 1994 година. На последниот меч одигран во Палермо, Италија ја совлада Ерменија со 9-1, тоа се случи во 2019 година.
 
Вечерва стадионот ќе биде исполнет до последното место, билетите се распродадени и за италијанските и за македонските навивачи. Ќе доминира сината боја, но посакува да се радува секторот кој ќе биде обоен во црвено-жолта.
 
Победникот од овој натпревар ќе има уште една пречка за пласман на Светското првенство, тоа ќе биде победникот од дуелот меѓу Португалија и Турција.
 
Мечот почнува од 20:45 часот, правдата ќе ја делат француски судии на чело со Клемен Турпан.
 
Можни состави: 
 
Италија: Донарума, Флоренци, Манчини, Бастони, Емерсон, Жоржињо, Верати, Барела, Берарди, Инсиње и Имобиле.
 
Македонија: Димитриевски, С. Ристовски, Муслиу, Велковски, Алиоски, Адеми, Николов, Барди, Трајковски, Чурлинов, М. Ристовски.
 

Кој кого „мафлосува“, тие нас или ние нив. Чекор напред, три назад, како раковите во Охридското Езеро од моето детство кои исчезнаа во налетот на технолошкиот напредок и уништувањето на животната средина.

повеќе

Ние сме земја што први во Европа имаме стратегија за интеркултурализам.

повеќе

Францускиот предлог претставува директно рушење на основните темели на ЕУ.

повеќе