Интер го искористи киксот на Милан за да се искачи на првото место на табелата, вечерва избраниците на Антонио Конте со 3-1 ја добија пресметката со Лацио.
Гостите џабе го имаа поседот на топката, нивната одбрана не можеше да се справи со Ромелу Лукаку и Лаутаро Мартинез, особено при брзите контри.
Резултатот беше отворен во 22. минута, Лаутаро беше соборен во шеснаесетникот а Лукаку од белата точка донесе 1-0.
Во финишот на првиот дел, Лукаку по втор пат ја затресе мрежата откако една топка дојде случјано до него. Помошникот го крена знаменцето аз офсајд, настана конфузија откако по стартот на Брозовиќ топката се одби од еден играч на Лацио, но голот на крајот беше признат.
Лацио се врати во игра по еден час игра, Милинковиќ Савиќ биеше од слободен удар, топка го удри Ескаланте и го измами Хандановиќ за 2-1.
Сепак Интер брзо одговори, Лукаку тргна во контра, го надтрча својот чувар и му асистираше на Лаутаро за 3-1.