ЕДЕН ОД „ДИЈАМАНТИТЕ“ НА ШКОЛАТА Е најголемиот македонски талент, ЕЛИФ ЕЛМАС

На малите терени во школата Форца Вардар Јовче Џипунов создава големи фудбалери

Вардаровата фудбалска легенда Јовче Џипунов веќе 16 години раководи со својата фудбалска школа Форца Вардар, од која излегуваат големи фудбалски имиња. Еден од нив е и најголемиот македонски талент, Елиф Елмас, кој сега го носи дресот на Фенербахче.

Фудбалската школа Форца пред 16 години имаше скромен почеток, но со текот на времето доби реноме на вистинска „фабрика“ за фудбалери. Од неа излегуваат големи играчи, македонски репрезентативци. Првите фудбалски чекори таму ги направи и Елиф Елмас, кој сега вреди милиони на светскиот фудбалски пазар.

Како започнува приказната за фудбалската школа Форца - Вардар Скопје?

„Завршив со играње во Вардар, па бидејќи клубот не ме пушти да заминам во странство, играв по македонските клубови. Малку бев револтиран, разлутен, сите други најдоа ангажмани во странство, лесно ги пуштија, јас требаше да играм во Слога Југомагнат. Слога беше единствениот клуб каде што Вардар ме пушташе да одам. Тогаш во Вардар Томовски беше директор на клубот и со Рафет Муминовиќ од Слога беа добри пријатели. Јас реков дека веќе нема да играм фудбал ако не ме пуштат во странство, ако треба и кошарка ќе играм, овие мои зборови тогаш беа напишани во сите медиуми. Сепак отидов во Слога.

Откако дојдов јас, Слога почна да се развива и да напредува во македонската лига, потоа играв за Осогово, Љуботен, Цементарница, Работнички.... Ја завршив мојата кариера и си реков сакам на децата да им го пренесам моето знаење, сакав моите грешки што сум ги правел во кариерата да им ги кажам и да ги научам тие да не ги прават. Сакав да им го пренесам знаењето на дечињата што сум го добил јас од некои еминентни имиња, вистински тренери што ми биле, Златко Илиевски, Дончевски, Дојчиновски, Бобек, Хаџиевски...

На Матевски му реков, да пробаме да отвориме школа, се договоривме, почнавме да лепиме флаери. На првиот тренинг ни дојдоа 15 дечиња и нив почнав да ги тренирам. Од ден на ден, школата почна да се шири, бројката се зголемуваше. Им објаснував на дечињата дека не е важно сите да станат фудбалери, и тоа нема да се случи, најважно е да се стане човек, фудбалот не е во прв план, тука сакаме да се изгради и карактер, личност. Од ден на ден школата почна да се шири, зедов еден тренер, зедов друг тренер и бројката во првите четири години константно беше 150 деца.

Како што одминуваше времето, сè повеќе се слушаше гласот за нашата школа, почнавме да се натпреваруваме, ги учевме децата дека не е сè во победата, дека треба да научат да ги прифаќаат поразите и да напредуваат како фудбалери. Тоа и се случуваше, полека стануваа прави фудбалерчиња. Пред 16 години отворивме термини во салата „Форца“ во Тафталиџе, а поради големиот интерес неколку години подоцна и во „Сан Сет“ Аеродром. Се зголеми и бројот на дечињата, имавме по 300 сè до оваа година, во која имаме рекорд, 350 мали фудбалерчиња“.

Вашата школа произведува големи фудбалски имиња. Кои играчи излегоа од Форца?

„Од нашата школа излегле многу деца, првите фудбалски чекори тука ги направија Чешмеџиев, Чурлинов, Фазлагиќ, Елмас, имавме и девојка, Јана Чубринова, која сега е репрезентативка на Македонија. Имаме 17-18 репрезентативци. Гордост за еден клуб е на 2-3 години кога ќе направи некои играчи, а од нашата школа за 16 години направивме околу 18 играчи што настапуваат за селекциите на Македонија.

Во академијата на ФФМ имаме 20 дечиња од Форца, во Вардар имаме дадено 40 дечиња, во Работнички 45. Прво Работнички беше поинтересен клуб во пионерските категории, па Вардар стана кога дојдоа новите сопственици. Како ги даваме дечињата, така почнуваме да правиме нови фудбалерчиња. Тој процес постојано се повторува, дечињата што отскокнуваат за некое време одат во големите клубови. Имаме договор со Вардар, тие можат да го земат секое наше дете иако ние не добиваме ништо од нив, тоа е разочарување за мене, ние им произведуваме фудбалери, но тие не го ценат тоа онака како што треба. Павел Неделковски беше човекот што најдобро знаеше да ги скенира младите играчи. Додека беше во Работнички имавме соработка со него, ги земаше добрите дечиња, потоа отиде во Вардар, па ја продолживме соработката таму“.

Еден од најголемите македонски таленти, Елиф Елмас, кој сега е член на Фенербахче и во договорот со турскиот гигант има откупна клаузула од 23 милиони евра, потекнува токму од школата на Форца.

„Елмас кога ќе дојдеше на тренинг, веднаш ја земаше топката и почнуваше да работи. Додека другите дечиња си правеа муабет пред да започне тренингот, тој мислеше само на фудбал. Доаѓаше и час пред време и почнуваше да работи. Тој беше најголемиот професионалец што го имав видено, заедно со Чурлинов, кој сега игра во Германија и е најмладиот дебитант во сениорската репрезентација на Македонија, како и Фалагиќ, кој сега игра во Шкендија.

Елмас кај нас беше три-четири години. Не можам да кажам дека ние го направивме фудбалер, но секој клуб во кој тренирал има удел во неговата изградба, почетокот на секој играч е многу важен за неговиот понатамошен развој. Заедно со Павел Неделковски видовме дека Елиф Елмас е прејак во однос на другите деца и го дадовме во Работнички, каде што сакавме да напредува и да продолжи да се развива во нагорна линија“.

Во школата Форца сега тренира друг Елмас, се работи за Мухамед, братучед на Елиф за кој Јовче Џипунов вели дека е име што треба да се запамети. Младиот Мухамед Елмас важи за неверојатен талент, кој сигурно чекори по стапките на својот роднина и доколку продолжи да се развива, ќе биде еден од најдобрите македонски фудбалери.

„Во школата Форца сум веќе три години, можам да кажам дека е многу, многу добро. Во иднина сакам да бидам како мојот братучед Елиф, тој успеа, а доколку работам напорно како него, се надевам дека ќе успеам и јас“, вели малиот Мухамед Елмас.

Форца Вардар се натпреварува во детските лиги што сега се под капата на ФФМ, дечињата на Џипунов се носат рамо до рамо со најдобрите, а во некои категории се и државни шампиони.

„Сегашниот селектор на А репрезентацијата, Игор Ангеловски Мрме отвори своја мала школа, но потоа брзо отиде во Работнички. Заедно со него ја формиравме таа детска лига и тука почнаа натпреварите. Потоа тоа го презеде ФФМ и сега има детски лиги во кои се натпреваруваме, во кои можеш да станеш шампион на Македонија, во две категории сме македонски шампиони. Постојано работиме, се натпреваруваме во македонските детски лиги и создаваме нови генерации на фудбалери. Работиме по сите правила. И покрај целата работа и фактот што вадиме големи играчи, разочарувачко е што немаме помош од никој, живееме само од членарините што ги плаќаат децата“.

Малиот простор прави големи фудбалери. Тренирате на мали терени, многумина сметаат дека тоа не е правилно, но фактот што вадите врвни играчи ги демантира скептиците.

„Нашата школа работи на помали терени, но тоа е вистинското мерило. Сите добри играчи што ги познавам што играле на мали терени, станале големи играчи и на голем терен. Каде и да тренираш, во кој клуб и да тренираш, без разлика дали е тоа на голем терен, повторно работиш на мал простор. Иако некои од другите клубови им велат на децата вас ви треба голем терен, а не работа на мал терен, резултатите покажуваа друго. Работиме на мали терени, но играме официјални и пријателски натпревари на голем терен.

Фактот што за 16 години имаме извадено толку многу репрезентативци и големи играчи, доволно зборува кој е во право. Ми велеа зошто тренирате на мал терен, децата мал фудбал ли ќе играат. Но Чешмеџиев е во млада репрезентација и првотимец во Академија Пандев, Елмас во Фенербахче колку пари вреди, Фазлагиќ во Шкендија, Чурлинов во Германија... тие 40 деца што отидоа во Работнички, тие 40 што ги зеде Вардар, зарем тоа е мал фудбал, ова е одговорот за тие што се сомневаат. Велат дека децата не можат да работат правилно на мали терени, но ние само си молчиме и работиме, а производите се гледаат, нема тука лажење. Од малите терени, излегуваат големи играчи“.

Сопствен терен за тренинзи на школата е една од желбите на Јовче Џипунов.

„Кога би имале сопствен терен, би било многу поинаку. Друго е кога не треба да платите за изнајмување на некој терен, кога можете да излезете со некое дете и сами да тренирате. Многумина само нè тапкаат по рамо и ни велат дека сме многу добри, дека многу работиме. Но никој досега не ни помогнал на никаков начин. Како и да е, ние продолжуваме да си ја работиме нашата работа и да ги учиме децата за фудбалот почнувајќи од буквата „А“, па ќе видиме како ќе се развиваме понатаму. Досега работиме 16 години, а тоа не е малку“.

Како се станува голем фудбалер, со напорна работа или со талент?

„За да се стане фудбалер, најважен е тренингот, работата, тоа е сè. Може некој да е талентиран, но тоа никогаш не е пресудно. Тука децата имаат за брзо време голем напредок, па родителите веднаш почнуваат да размислуваат за големи трансфери и милионски заработки. Но напредокот како деца не мора да значи и голема кариера, треба да се поминат многу работи, пубертетот пред сè, детето да го задржи фокусот за фудбал, да продолжи да го сака и да тренира со ист интензитет. Не е важно дали сте добар како мал, најважно е да бидете добар и зрел фудбалер како постар“.

Мал дел од големите фудбалери што излегле од школата Форца Вардар:

Столе Стојчевски (Скопје, Вардар, Силекс, репрезентација до 19 години)

Константин Чешмеџиев (Пелистер, Македонија ЃП, Академија Пандев, репрезентација до 21 година)

Кристијан Костовски (Македонија ЃП, репрезентација 99/2000)

Марио Настевски (Работнички, Скопје, Македонија У17)

Кристијан Ацковски (Работнички, ФФМ академија)

Мите Цикарски (Вардар, Работнички, Етникос, млада и А репрезентација)

Елиф Елмас (Работнички, Фенербахче, млада и А репрезентација, избран за најдобар млад играч)

Дарко Чурлинов (Келн, најмлад дебитант во А репрезентација на Македонија)

Енис Фазлагиќ (Академија ФФМ, Шкендија)

Јана Чубринова (Истатов, репрезентација на Македонија сите категории)

Никола Миновски (Локомотива)

Џорџи Малов (Локомотива)

Кире Трпчевски (Њу Стар, репрезентација 2001)

Кристијан Трпчевски (Њу Стар, репрезентација 2001, Академија ФФМ)

Матеј Андов (Вардар, репрезентација до 16 години)

 

Ристе Ѓорѓиевски

Kога веќе треба да се држи комбинирана настава, колку и да е комплицирана таа „равенка“, во неа не смее да се забораваат децата кои учат онлајн.

повеќе

Под менторство на овој истраен истражувач, научник и педагог, се развивале и се формирале многумина трудбеници и афирматори на македонското културно наследство.

повеќе

Ковидот нема да нѐ победи. Да зборуваме за раст и развој, за подобар и забрзан раст, за паметен и зелен развој.

повеќе