Со години се пишува дека најсилните клубови од Европа, со цел да заработат уште повеќе пари, работат на формирање на ново натпреварување односно Европска Супер Лига.
Денеска ФИФА заедно со шестте конфедерации се закани дека фудбалерите кои ќе играат во оваа лига нема да можат да ги бранат боите на своите репрезентации на големи натпреварувања како што е Светско првенство.
Останува да се види дали ова ќе има неккаво влијание врз плановите, а во меѓувреме, Тајмс пишува дека е изготвен документ на 18 страни и открива нови детали.
Весникот вели дека четири клубови се главни заговарачи за Европска Супер Лига а тоа се Реал Мадрид, Манчестер јунајтед, Ливерпул и Милан.
Новото натпреварување ќе биде основано од 15 клубови: шест од Англија, три од Шпанија, три од Италија, два од Германија и еден од Франција. Сите овие клубови ќе добијат премија од 350 милиони евра за учество, пари кои и тоа како ќе им дојдат добро по загубите кои ги донесе пандемијата на коронавирус.
Покрај овие 15 клубови кои ќе имаат загарантиран настап, за учество ќе треба да изборат уште пет клубови, со што ќе се дојде до бројката од 20. Ќе има две групи од по 10 екипи, и ќе се игра во формат дома-гости, со што се гарантираат најмалку 18 натпревари. Првопласираните четири екипи од двете групи ќе се пласираат во нок-аут фазата во која ќе има четвртфинале, полуфинале и финале.
Според плановите, 32,5% од приходите од ТВ правата и спонзорите ќе се подели помеѓу 15-те клубови кои се основачи, потоа ќе има уште еден колач од 32,5% кои ќе биде наменет за сите 20 клубови.
Ќе биде поставен и финасиски фер плеј, односно клубовите на плати и трансфери ќе можат да трошат максимум 55% од својот приход.