Астон Вила силно е погодена од ковид-19, се верува дека дури 10 играчи од првиот тим се позитивни. Вечерашниот дуел со Ливерпул во ФА Купот ќе се одигра, но под голем знак прашалник е средбата со Тотнем во среда во Премиерлигата.
Ова не му се допаѓа на Жозе Мурињо бидејќи Тотнем во финишот од сезоната може да се најде во ситуација да треба да игра и четири натпревари во една недела. На „спарси“ веќе им беше одложен мечот со Фулам, а ќе се бара нов термин и за вториот натпревар против Фулам поради настапот во финалето на Лига купот.
„Премиерлигата мора да покаже лидерство, да донесе разумна одлука. Не смее да не стави во невозможна позиција, не смее да не казни. Доколку не играме против Астон Вила, ќе имаме три одложени меча, и со оглед на тоа дека играме во Европа, ќе биде невозможно да се скрои распоредот“ – вели Жозе Мурињо.
„Правилата велат дека треба да се игра доколку на располагање се има 14 играчи, вклучувајќи ги и оние од академијата и ние бевме подготвени за вакво сценарио. Имавме позитивни случаи во нашите редови. Играчи, тренери, луѓе од персоналот. И ние имавме проблеми“.
„Летоска на програмата е Европското првенство, и тоа сигурно нема да биде поместено, па ќе бидеме во невозможна ситуација доколку имаме три одложени натпревари“.
„Видете, нема да ве лажам, веќе разговарав со мојот персонал за тоа што може да се случи и можам да ви кажам дека нема шанси да се повтори она што се случуваше на почетокот од сезоната и ќе одбиеме да играме по таков распоред“.