Крај на една ера

Меси заминува од Барселона, остануваат три клучни прашања кои чекаат одговори

Како бомба одекна веста дека Лео Меси му соопштил на раководството на Барселона дека сака да го напушти клубот и неговата одлука е конечна. По 20 години откако пристигна во клубот Аргентинецот заминува, става крај на една ера, на една од најуспешните приказни во историјата на фудбалот. 

Меси во следната сезона ќе носи друг дрес, си оди од Барселона, звучи лудо, но 2020 година е, а во неа се случуваат работи кои за многу луѓе беа незамисливи. 
 
Но зошто Меси одлучи да замине, што го натера да донесе одлука за трансфер а не за нов договор со кој ќе ја завршеше кариерата во Барселона? Како клубот ќе реагира, дали ќе му ја исполни желбата на Меси да замине бесплатно од Камп Ноу или разделбата ќе биде тензична, со кавга на двете страни? Која ќе биде следната негова дестинација, можно ли е повторно обединување со Пеп Гвардиола? Многу прашања, а дел од одговорите се очекуваат во наредните денови.
 
Зошто Меси одлучи да замине од Барселона?
 
Одлуката Меси да си замине од Барселона шокираше многумина, иако за неа срамежливо се шпекулираше веќе некое време. Не многу одамна сите беа уверени дека Аргентинецот ќе остане во Барселона до крајот на кариерата, дека тоа е клубот на кој ќе му остане верен сѐ  додека не ги обеси копачките, но тоа нема да се случи. Што се случи во меѓувреме? 
 
Односот меѓу Меси и раководството на Барселона предводено од претседателот Бартомеу полека се ладеше, Аргентинецот не беше задоволен од одлуките, јавно го критикуваше назначувањето на Кике Сетиен. Барса го губеше идентитетот, играше лошо иако на хартија имаше моќен тим. Кулминацијата се случи во финалето од Лигата на шампионите кога Баерн Минхен буквално го избриша патосот со Барселона, победувајќи ги со 8-2 им приреди понижување кое никогаш нема да се заборави. Каталонците по многу долго време завршија сезона без ниту еден освоен трофеј.
 
 
Раководството го донесе Роналд Куман, а односот на Холанѓанецот му ги реши сите дилеми на Меси за тоа дали да остане или не. Куман со првиот потег како тренер на Барселона го избрка најдобриот пријател на Меси, му се јави на Луис Суарез и му кажа дека нема да смета на него. Потоа во разговор лице во лице со Меси му кажал нешто што Аргентинецот не сакал да го слушне: „Никој повеќе нема да има привилегии во овој тим, мора да правиш сѐ  за тимот. Ќе бидам нефлексибилен, мораш да мислиш на тимот“.
 
Суштината на реченицата не е страшна, но арогантниот однос и дрскоста на Куман кон можеби најдобриот фудбалер на сите времиња е запрепастувачки лош потег. Некои пишуваат дека токму тоа ја прелило чашата и го убедило Меси дека време е за разделба и почеток на нешто ново.
 
 
Меси во оваа Барселона, со ова раководство кое ја сруши атмосферата во тимот не гледа како може да биде успешен во неговите последни години од кариерата. Скршено е на многу ситни парчиња, кои и да се залепат нема да донесат задоволство.
 
Дали Барселона и Меси ќе го пушти на мала врата или ќе го испрати како што доликува?
 
Лионел Меси во Барселона пристигна во 2000 година, почна во школата на каталонскиот клуб, за првиот тим дебитираше во 2004 година, а останатото го знаат и оние кои не пратат многу фудбал.
 
Аргентинецот кога му ја соопштил одлуката на раководството за заминување од клубот, побарал тоа да биде бесплатно, со активација на клаузулата од договорот која му овозможува да го направи тоа, но таа е спорна поради датумот на нејзиното истекување.
 
Според шпанските медиуми од клубот му порачале дека клаузулата е истечена, и тој не може да си замине без да биде платено обесштетување. Се пишува дека раководството на Барса ќе бара минимум 222 милиони евра, колку што доби за Нејмар од ПСЖ.
 
Клаузулата истече на 10 јуни, 10 дена по оригиналниот датум за финалето од Лигата на шампионите, кое првично требаше да се одигра на 30 мај.
 
 
Адвокатите на Меси сметаат дека со одложување на сезоната поради пандемијата на коронавирус се одложува и трајноста на клаузулата за заминување, па таа треба да трае десет дена по завршувањето на финалето од Лигата на шампионите кое се случи на 23 август. Според нив таа е активна до почетокот на септември.
 
Многумина сметаат дека без разлика на клаузулата, Барселона треба да му ја исполни желбата на Меси и да го пушти да си замине како што тој сака. Сепак Аргентинецот не е обичен фудбалер, без него каталонскиот клуб немаше да има ни половина од пехарите освоени во изминатите 15 години. 
 
Меси има толку многу дадено за Барселона, што клубот не смее ниту да помисли да застане на неговиот пат.
 
Но, Барселона многу свои ѕвезди испратила на „мала врата“, Роналдињо, Ето, Ривалдо, Роналдо, Рикелме, Марадона... се дел од големците кои неславно го напуштија каталонскиот клуб.
 
 
„Доколку Меси сака да ја напушти Барселона со активација на клаузулата, тогаш се надевам дека клубот ќе се обиде да му помогне, а не да го спречува. Тој беше исклучително лојален и нивниот најдобар играч на сите времиња. Би било страшно тажно ако заврши со кавга меѓу играчот и клубот“, изјави Гери Линекер, фудбалскиот критичар кој како играч три години го носеше и дресот на Барселона.
 
Можно е раководството на Барселона да игра тврдо и да не сака да го пушти Меси доколку за него не добие голема сума на пари иако тој е далеку од млад играч и пред него не се уште многу години од кариерата.
 
Која ќе биде следната дестинација на Меси?
 
Повеќе клубови будно ја следат неговата ситуација и веќе ги подготвуваат своите понуди за да го привлечат Аргентинецот во нивните редови.
 
За тоа кои клубови ќе застанат во редот по потписот на Меси многу ќе зависи и од начинот на кој тој ќе си замине.
 
Доколку Меси си оди од Барса како слободен играч, бројот на клубови заинтересирани за него ќе биде значително поголем, ако треба да се плати високо обесштетување на Барселона, тогаш во игра ќе бидат само неколку опции.
 
Како прв фаворит се споменува Манчестер Сити, некои каталонски медиуми дури пишуваат и дека самиот Меси му се јавил на Гвардиола за да праша дали ќе може да дојде во неговиот клуб.
 
Меси многу добро ја разбира работата на Гвардиола, нивната соработка во Барселона беше беспрекорна. Манчестер Сити има разработен проект кој е во тек, клубот цели највисоко, по сите можни трофеи, сето тоа му одговара на Аргентинецот, па негов трансфер таму изгледа најлогично решение.
 
 
Втората опција е Интер. Пред извесно време се пишуваше дека таткото на Меси, а и самиот Лео купиле куќи во Милано. Нероазурите се клуб кој отсекогаш привлекувал Аргентинци, Меси би бил повеќе од добредојден таму.
 
ПСЖ исто така би посегнал по Меси. Сонот на шеикот е трофејот од Лигата на шампионите, стигна до финалето, но не го направи завршниот чекор. Трио Нејмар, Мбапе и Меси во нападот звучи неверојатно добро, но парискиот клуб во овој случај е само трета опција.
 
Каталонскиот весник „Спорт“ пишува дека сериозен интерес има и од Манчестер јунајтед на кој му даваат предност пред Сити и ПСЖ поради подобрата ситуација кога станува збор за финансискиот фер-плеј.
 
Интерес за Меси има и од Челси. Роман Абрамович сака да го врати клубот на врвот, сините ова лето се најактивни на трансфер пазарот, а Русинот би го одврзал ќесето за сенационален трансфер каков што е ангажманот на Аргентинецот.
 
Во Неапол сонуваат дека Меси може да дојде во Наполи и да го направи она за нив кое го направи неговиот легендарен сонародник Марадона, да ги искачи повторно на врвот. Но јасно е дека тоа ќе остане само сон.
 
Дури има написи и дека Јувентус ќе се обиде да ги соедини Роналдо и Меси и да направи нешто незамисливо, но и тоа е далеку од реалноста.
 
Како и да е, пред нас е возбудлив преоден рок во кој ќе биде решавана иднината на Меси, едно е сигурно, следната година тој ќе носи друг дрес, ќе игра во друга лига и ќе има други противници.
 

Во Македонија само 1% од младите професионално се занимаваат со спорт, 7% спортуваат аматерски, додека 42% спортуваат рекреативно или практикуваат физичка активност во вид на хоби и рекреација.

повеќе

Нашето законодавство дава поголема важност на едно парче хартија отколку на вистинската состојба на терен.

повеќе

Еве што знаат мнозинството Македонци и Бугари родени до 1980 година.

повеќе