вторник, 19 март 2024

Бројот на абортуси во САД е најголем во последните десет години

Абортусите се во пораст во САД, и покрај забраните кои стапија на сила во повеќе од десетина држави по одлуката на Врховниот суд на САД во јуни 2022 година за укинување на федералното право на абортус.

Фото: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

Имаше повеќе од милион абортуси во САД во 2023 година, што е најголем број во последната деценија и скок од 10% во однос на 2020 година, според извештајот објавен денеска од Институтот Гутмахер, истражувачка и политичка организација која се бави со сексуалното и репродуктивното здравје и поддршката на правото на абортус. Најновите трендови сугерираат и дека медицинскиот абортус, т.е. со употреба на медикаменти се почеста опција од кога било.

Иако абортусите практично не се изведуваат во 14 држави кои донесоа целосни забрани, речиси секоја втора држава забележа пораст во бројот на абортуси од 2020 до 2023 година. Државите без целосни забрани забележаа зголемување од 25% на абортуси во тој период.

„Драстичната загуба на пристапот за абортус во државите со забрани е ублажена со огромните напори на клиниките, здруженијата и организациите за логистичка поддршка да им се помогне на лицата во тие држави да бидат згрижени“, велат авторите на извештајот.

Земјите кои граничат со државите кои го забранија абортусот имаа особено голем пораст, но абортусите се зголемија и во други држави каде што сè уште се легални.

„Иако абортусот е драматично ограничен за луѓето кои живеат во државите со забрани, пристапот до абортус е значително подобрен за жителите на државите без забрани“, се вели во извештајот.

Медицинските абортуси станаа почести од кога било по федералната забрана за абортус, според друг извештај на Гутмахер. Речиси две третини од сите абортуси во САД во 2023 година, околу 642.700, биле извршени со лекови.

Медицинскиот абортус, познат и како медикаментозен абортус, е метод на прекинување на бременоста со земање на две таблети, мифепристон и мизопростол, наместо хируршки зафат.

Оваа опција стана почеста откако стана достапна, растејќи од 10% во 2001 година на 53% во 2020 година и 63% од сите абортуси извршени во 2023 година.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ