Издвојуваме пет легендарни моменти на Марадона од неговата неверојатна кариера.
Божјата рака
Еден од најконтроверзните голови во светот на фудбалот, за кој уште се зборува. Марадона даде гол со рака во четврт-финалето на СП 1986 година против Англија. Тој погодок подоцна беше наречен „Божјата рака“.
Голот на векот
На истиот натпревар со Англија, кој Аргентина го доби со 2-1, Марадона го постигна голот што подоцна беше прогласен за гол на векот. Тој тргна од својата половина, издрибла повеќе англиски фудбалери, погоди и ја однесе својата земја во полуфиналето на СП.
Шоуто на Марадона против Белгија
По мечот со Англија следуваше полуфинале со Белгија на СП 1986. Марадона и овој пат ги презеде работите во своите раце, повторно постигна два прекрасни гола и ја однесе Аргентина во финалето на Мундијалот во Мексико.
Легендарното загревање во дресот на Наполи
Наполи играше полуфинале против Баерн Минхен во Купот на УЕФА и додека во заднината се слушаше познатиот хит „Live is Life“, Диего Марадона се загреваше во ритам и правеше шоу со топката.
Прославата на голот против Грција на СП 1994
Прославата на Марадона на погодок против Грција на СП во 1994 година предизвика огромно внимание. Изгледаше како Аргентинецот да е под дејство на нешто. Брзо потоа му беше направен допинг-тест и беше позитивен на „коктел од дроги“, таков беше описот на антидопинг-комисијата, по што беше суспендиран.