четврток, 25 април 2024

Вучиќ им се извини на Словенците поради изјавата дека се „одвратни“, но не и на нивните политичари

„Ако повредив некого во Словенија, се извинувам, но нема да им се извинувам на словенечките политичари“, рече српскиот претседател Александар Вучиќ од Њујорк.

Фото: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

„Реков дека Словенците се одвратни, мислејќи на седницата на Советот за безбедност. Тоа беше темата и на сите им беше јасно дека се однесува на поединец и на нивната политика. Секако дека не треба да се користи тој вокабулар, но јас човечки кажав што мислам за нивната политика“, рече Вучиќ во обраќањето пред новинарите.

Тој додаде дека на Словенците им мисли најдобро како народ и дека има многу пријатели и роднини во Словенија.

„Ако некого сум навредил, сакам да ѝ се извинам на целата јавност во Словенија и истовремено да кажам дека нема да им се извинувам на словенечките политичари, бидејќи тие водат одвратна политика кон Србија и српскиот народ“, рече Вучиќ.

Тој додаде дека неговата изјава е извадена од контекст и е оценета како нешто „страшно“, но дека нарушувањето на територијалниот интегритет на Србија не е оценето како „страшно“.

„Не е страшно што ја спонзорираат резолуцијата за Сребреница против нашиот народ, без претходно да нѐ консултираат, да нѐ информираат или да нѐ прашаат. Ја користам можноста да ги поканам (премиерот на Словенија) Роберт Голоб и претседателката (на Словенија Наташа) Пирц Мусар во Белград и Србија. Секако дека треба уште еднаш да се извинам, да укажам дека секако не мислев на Словенците, туку да им кажам во очи што мислам за нивната лоша политика кон Србија и српскиот народ“, заклучи Вучиќ.

Дачиќ: Вршителот на должноста ги отфрли наводите на Словенија

Првиот вицепремиер и министер за надворешни работи Ивица Дачиќ изјави дека вршителот на должноста во Амбасадата на Србија во Словенија ги отфрлил наводите на Министерството за надворешни работи на Словенија за изјавата на претседателот Александар Вучиќ, за која денес бил повикан на разговор.

Дачиќ во писмената изјава наведе дека потегот на словенечкото министерство претставува извртување на реалноста, бидејќи наместо Словенија да ѝ се извини на Србија за нарушувањето на нејзиниот територијален интегритет со признавањето на Косово и дека Советот за безбедност на Обединетите нации ги прекршил сите правила за присуство на седниците, дозволувајќи ѝ на Вјоса Османи да ги донесе наводните жртви, без да ја извести Србија за ова, што никогаш досега не се случило во ОН, словенечките власти бараат извинување за тоа што Вучиќ ја изразил својата огорченост поради таквиот потег, кој очигледно бил договорен претходно, пренесе Н1.

„Не би сакал да потсетувам дека Србија го поддржа изборот на Словенија во Советот за безбедност. Ваквите потези на Словенија во меѓународните организации ги нарушуваат нашите билатерални односи и некоректно е одговорноста да се префрли на Србија, која само реагира на потезите на Словенија“, рече Дачиќ.

На седницата на Советот за безбедност на ОН во Њујорк, на која се расправаше за шестмесечниот извештај за работата на УНМИК на Косово, зад косовската претседателка Вјоса Османи седеа жени за кои таа тврди дека биле жртви на српски злосторства.

За ова претседателот на Србија протестираше до претседавачката со седницата Ванеса Фрејзер, посочувајќи дека ова првпат се случува во Советот за безбедност на ОН. Претседавачката возврати дека составот на делегацијата е прашање на протокол.

„Вакво нешто се случи за прв пат во Советот за безбедност на ОН. Доведовте луѓе што не припаѓаат овде, ниту во дипломатскиот кор, ниту во советничкиот тим на г-ѓа Османи. Тоа е еден вид политички театар и местенка за српската делегација“, рече Вучиќ.

Вучиќ во вторникот рече дека Србија упаднала во замката што ѝ ја поставиле САД, Швајцарија и Словенија.

„Кога доцнеше седницата на Советот за безбедност, се прашував за што се работи, но потоа сфативме дека се договориле за тоа со Американците, Словенците и Швајцарците. Не се знае кој е поодвратен, Словенците или некој друг“, рече Вучиќ.

Почетокот на седницата на Советот за безбедност на ОН доцнеше бидејќи делегацијата од Приштина беше задржана на влезот поради процедурите на ОН.

Претседавачката на Советот за безбедност на ОН и постојан претставник на Малта во ОН, Ванеса Фрејзер, по неколкуминутна пауза и проверка на информациите што ги добила, нагласи дека се работи за протоколот на ОН, поради што некои учесници биле приведени на влезот.

„Протоколот на ОН не дозволи целата косовска делегација да влезе во зградата и мораме да ги чекаме за да продолжиме со седницата“, изјави Фрејзер.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ