Најстариот голгетер на шпанската репрезентација

Легендарниот Адуриз се збогува со фудбалот, мечот против Македонија е посебен за него

Славниот напаѓач на Атлетик Билбао, Артиз Адуриз објави крај на кариерата, тој е најстариот стрелец во историјата на шпанската репрезентација, а рекордниот гол го даде против Македонија. 

EPA-EFE/MIGUEL TONA
39-годишниот Адуриз стави крај на фудбалската кариера, со пост на социјалните мрежи се прости од фановите. Одлуката ја донел откако докторите го советувале дека треба да направи оперативен зафат за замена на колкот.
 
Адуриз држи рекорд кој го направи против Македонија. Со гол против нашата репрезентација во ноември 2016 година во Гранада, тој стана најстариот стрелец во историјата на шпанската селекција. Тогаш имаше 35 години и 275 дена. Тој меч Шпанците го добија со 4-0.
„Времето дојде. Многу пати имам кажано дека фудбалот ќе те напушти пред ти да го напуштиш него. Синоќа, докторите ми рекоа да одам кај хирург порано или подоцна, да добијам протетика да ми го заменат колкот и да се обидам секојдневниот живот да ми биде колку што е можно нормален. За жал моето тело рече „доста е“. Не можам да им помогнам на соиграчите на начинот на кој сакам да го правам тоа, ниту на начинот на кој заслужуваат. Тоа е животот на еден професионален спортист. Едноставен, многу едноставен“.
 
„За жал, живееме низ ситуација која е многу црна и болна, пандемијата од која страдаме ни остави непоправливи штети и треба да продолжиме да се бориме заедно“.
 
„Затоа, не сакам да се грижите за мене, ова е само една анегдота. Ајде да заборавиме на финалињата за кои сонувавме, бидејќи ќе треба да се збогуваме. И да, дојде време да кажам збогум, и на ваков начин завршува патот за мене - незаборавен и прекрасен од самиот почеток до крајот“.
 
„Ви благодарам од дното на моето срце“, напиша Адуриз во своето проштално обраќање.
 
Адуриз за жал нема да биде дел од финалето на Купот на Шпанија кој Атлетик Билбао треба да го игра против Реал Сосиедад.
 

Легенда под Главна слика

EPA-EFE/MIGUEL TONA

Кога ќе заврши пандемијата, очекувајте државите да се вратат со поголема власт и поголем легитимитет.

повеќе

Откако не успеа во приказот на Мицкоски како екстензија на Груевски и на опозицијата како „анти-западна“, со изјавите неделава Заев покажува дека негов рецепт за изборна победа е само што помала излезност без учество на опозицијата.

повеќе